Владата ја усвои интервентната мерка за доматите


Земјоделците кои од денеска до 15 јули годинава ќе ги предадат доматите во преработувачки капацитети или преку регистриран откупувач, наместо три, ќе добијат седум денари субвенции за килограм, предвидува интервентата мерка што беше усвоена денеска на владина седница, по предлог на Министерството за земјоделство.

За исплатата на зголемената субвенција се предвидени два милиона денари.

– Субвенцијата ја зголемивме поради нарушениот баланс меѓу понудата и побарувачката, како и ниската откупна цена. Очекуваме во определениот период да бидат откупени околу 500 тони домати, рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски на прес-конференција во Владата.

Со оваа мерка, додаде Николовски, се очекува и стабилизирање на пазарот на домати, а вишокот на производство да заврши како суровина во преработувачката индустрија.

– Станува збор за домати кои немаат соодветен квалитет за да бидат за нив заинтересирани откупувачите. Затоа интервентната мерка е резултат на дијалог меѓу земјоделците и откупувачите за доматите да бидат откупени. Очекувам минимум четири денари за килограм и дополнителни седум денари субвенции. Сметам дека ќе имаме цена со која земјоделците ќе бидат задоволни, истакна министерот, дополнувајќи дека оваа интервентна мерка досега не била користена во овој период од годината, вообичаена била само за индустриските домати, почнувајќи од август.

Како што нагласи Николовски, хиперпродукција на домати има во целиот регион, посебно во земјите кои се традиционални пазари за македонскиот домат.

Одговорајќи на новинарски прашања во врска со анализата за ефектот од субвенциите што беше презентирана денеска, Николовски најави спроведување на препораките преку формирање соодветни работни тимови. На Македонија, подвлече, и треба соодветен квалитет и количина на земјоделски производи.

Министерот информира дека интензивно се работи на долгорочни мерки кои треба да ги подобрат состојбите во земјоделството, но, кога ќе се процени дека е неопходно, се делува и краткорочно. Во насока, пак, на подобро информирање и едуцирање на земјоделците, најави дека во петок почнува дебатата за новиот закон за советодавен систем.