(ВИДЕО) Снег го парализира регионот: Обилни врнежи во делови на Хрватска и БиХ

Врнежите од снег и зимските услови предизвикаа проблеми во сообраќајот во Хрватска. Снег има на повеќето патишта во Горски Котар и Лика.

За камиони со приколки и полуприколки е забранет сообраќајот од правец на внатрешноста на земјата кон Риека, Истра и Далмација и обратно, објави Автомото сојузот на Хрватска.

Силниот ветер предизвикува проблеми и на Јадранската магистрала. Снег паѓа во Горски Котар, Лика, Славонија, делови од Далмација, централна и северозападна Хрватска.

Поради ниските температури, можна е појава на мраз на патиштата, особено на мостовите и надвозниците. Се препорачува возачите да ја приспособат брзината на условите на патот и да не одат на пат без соодветна зимска опрема.

Во повеќето делови на БиХ, поради снегот, сообраќајот исто така се одвива отежнато и бавно, објави Фена.

Сообраќајот на патиштата во јужните делови на земјата се одвива на влажни коловози, објави Автомото сојузот на БиХ.

Во областа Романија е забранет сообраќајот за товарни возила. Употребата на синџири за товарни возила е задолжителна на планинските превои.