(ВИДЕО) Се чека објава за конечно предавање, борците на ИСИС се предаваат

Дали Исламската држава е конечно поразена? Вестите кои пристигнуваат од Сирија се противречни – американски Си-би-ес, на пример, јавува дека не е целосно јасно дали ИСИС е дефинитивно поразен во своето последно упориште, малата енклава во местото Багуз на југоистокот на Сирија, опркружено од три страни од страна на Сириските демократски сили, а од четвртата страна од реката Еуфрат.

Сепак, репортерот на Си-би-ес, Чарли Дагата јавува дека битката која СДФ, сојузот на курдските и арапските бунтовници кои се поддржани од меѓународната коалиција предводена од САД, практично е готова. Ниту едно црно знаме на ИСИС повеќе не се гледа во местото, а и оганот од средата е стивнат.

Курдскиот портал „Хавар“ вчера јави дека СДФ го ослободил целиот Багуз од платениците на Даеш (арапското име за ИСИС) како и дека кампањата завршила со пораз на озогласената терористичка организација, но од СДФ веднаш го демантираа овој извештај и потврдија дека борбените операции и понатаму се во тек.

„Чешлањето на теренот продолжува во кампот Багуз и нема вистина во извештајот за целосно ослободување на селото“, соопшти портпаролот на СДФ, а пренесува „Дејли мејл“. „Фокс Њуз“ исто така јавува дека Багуз е ослободен, повикувајќи се на извори од терен. Американскиот претседател Доналд Трамп и самиот се огласи за ова прашање во средата, најавувајќи дека ИСИС ќе падне до крајот на тој ден. Притоа им покажа на новинарите две карти од Сирија, едната која ги покажува подрачјата под контрола на Исламската држава кога тој беше избран во 2016 година, и како тоа изгледа денес.

„Кога дојдов, тоа беше хаос“, изјави Трамп покажувајќи црвени подрачја под надзор на ИСИС. „Сега, на долната… нема црвено. Всушност, постои мала точка која ќе исчезне до вечер“, изјави во средата.

Сепак, официјалниот проглас за конечна победа над последните, највоинствените џихадисти се уште се чека, а додека не биде објавено, не може со сигурност да се каже дека ИСИС е поразен.

Меѓутоа, познато е дека речиси 60 илјади терористи, членовите на нивните семејства и други цивили од почетокот на годината излегле од енклавата и се предале на СДФ, јавува „Фокс Њуз“. Сега воглавно се наоѓаат во импровизирани логори во пустината, додека СДФ и коалицијата не најдат трајно решение за нив.

Снимката која овие денови се појави ги прикажува размерите на ова масовно предавање на џихадистите. На снимката се гледа непрегледна колона од луѓе во пустина, во искинати облеки, лица прекриени со марами, како стојат или седат еден пред друг додека чекаат борците кои ги заробиле да ги одведат во логор.

Снимката ја објави сирискиот новинар Мохамед Хасан. „Најдолгата колона припадници на ИСИС од различни националности се предаде на Сириските демократски сили“, напиша во објавата на Твитер.

СДФ во меѓувреме побара помош од САД во воспоставувањето на посебен суд кој на овие терористи би им судел во Сирија.