(ВИДЕО) Масовниот протест во Солун заврши со мали инциденти

„Македонија е грчка“, „Името е нашата душа“, „Не го даваме и не го отстапуваме името“, „Македонија значи Грција“, беа главните пораки што ги испратија организаторите на протестот во Солун, против името Македонија. Нешто повеќе од четири часа траеше официјалниот дел од собирот, а според грчката полиција, јавува дописникот на МИА од Атина, учество зеле околу 90.000 граѓани. Откако завршија со обраќањата претставниците на здруженијата – организатори, собирот продолжи со музика, меѓутоа заврши ненадејно поради дождот кој ги фати демонстрантите неподготвени.

Млади и стари, семејства со деца, пензионери, членови на партии протестираа во Солун. Според грчките медиуми, протестот, по масовноста ги надмина очекувањата, но ни приближно не наликуваше на демонстрациите од 1992.

Организаторите во нивните обраќања се задржаа на аргументите дека Грција не треба ниту да преговара ниту да прифати име во кое би бил вклучен терминот Македонија, бидејќи „Македонија била е и ќе остане грчка“. На присутните им се обрати и почесниот началник на Генералштабот на грчката армија Франгос Франгулис, кој во 2012 во тогашната службена влада еден месец беше министер за одбрана, во опширниот говор, меѓу другото побара во Грција да се одржи референдум пред да се потпише било каков договорот за името, но и „Скопје да признае грчко малцинство“.

– Нема да прифатиме прашање од типот на „Дали го прифаќате или не името Северна/Горна Македонија?“, туку бараме јасно прашање: “Ја прифаќате или не употребата на терминот Македонија?“, им рече на присутните Франгулис барајќи референдум во Грција. Порача дека нема да отстапат од нивните барања и доколку нема промена на ставот во однос на името Македонија, политичарите ќе се соочат со нив.

На собирот присутни беа пратеници од речиси сите опозициски партии, од Нова демократија, од Демократска алијанса, од Сојуз на централисти, од Златна зора, но и пратеници од коалициониот партнер во грчката влада, Независни Грци.

Официјалниот дел од собирот со обраќање го отвори солунскиот митрополит Антимос, со пораката : Македонија е Грција, Грција е Македонија. И покрај тоа што пред неколку дена рече дека поради препораката од архиепископот Јеронимос, нема да присуствува на протестот, сепак, Антимос, заедно со група митрополити и свештени лица пристигнаа во центарот на Солун.

Грчките медиуми уште на почетокот на протестот објавија различни бројки околу тоа колку граѓани учествуваа на собирот. Но, од грчката полиција, преку официјално соопштенија, како што јавува дописникот на МИА од Атина, велат дека имало околу 90 000 граѓани, а од цела Грција, во Солун пристигнале 284 автобуси, додека пак во кусото соопштение потенцираат дека по завршувањето на собирот ќе излезат со нови податоци.

Првичните коментари за протестот во онлајн изданијата на грчките медиуми, во поголемиот број опозициски ориентиран, се дека граѓаните преку масовниот собир упатија порака до владата во однос на преговорите за името. Протестот во живо, јавува дописникот на МИА од Атина, го емитуваа порталите, а не и грчките телевизии.

Речиси во исто време со протестот за името, левичарски и анархистички организации одржаа контра протест, но одѕивот беше многу мал. Пораките што тие ги упатија преку нивните плакати беа дека тие се „против секаков национализам, наша татковина е целата земја“ и „Ни капка крв за имиња и меѓу државни конфликти“ .

Изолирани инциденти за време на масовниот протест.

Најмалку пет мали инциденти се случија за време на масовниот протест во Солун.

Група демонстранти, според објавените фотографии и видео од солунскиот портал Thestival го запалиле македонското знаме, без при тоа да има дополнителни информации.

– Пред малку, лица што учествуваат на собирот за Македонија во Солун, го запалија знамето на пЈРМ. Потоа запалија факели и извикуваа слогани за Македонија, но и против градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, објави солунскиот портал.

Засега нема информации кои се лицата што го запалија македонското знаме, дали можеби се членови на некои навивачки групи на солунски фудбалски тимови или пак можеби се симпатизери или поддржувачи на Златна зора или пак станува збор за група демонстранти.

Според објавеното видео од солунскиот портал, додека двете лица го палат знамето насобраните граѓани аплаудираат и ја пеат грчката патриотска песна „Прочуена Македонија“.

За време на протестот, на мала оддалеченост од собирот, двокатна напуштена зграда, што во изминатиот период беше под опсада од анархистичка организација, од за сега непознати причини се запали, а противпожарната служба со 15 пожарникари и 6 возила се обидуваше да го изгаси пожарот. Според дел од медиумите во Грција, пожарот бил подметнат и не ја исклучуваат можноста да настанал од фрлени молотови коктели од членови на десничарски организации. Сепак, официјална потврда нема за ваквите тврдења.

– Националистичкиот собир се чини дека им даде зелено светло на група фашисти да го нападне и запали објектот, објави порталот Лефт кој важи за гласник на владејачката СИРИЗА.

Во друг инцидент, група од 80-90 маскирани лица, веројатно анархисти, според грчките медиуми, се судрија со полицијата која употреби солзавец.

Кусо пред да заврши собирот, непознати лица го нападнале поранешниот заменик министер за образование Костас Зурарис. Додека пак претпладнево, според локалните медиуми, се случи мал инцидент, кога анархисти, со шишиња и камења нападнале група демонстранти, кои со грчки знамиња се упатувале кон протестот. с