Џипот му пресуди на Велковски


На денешната седница, владата го разреши Лазе Велковски, досегашен директор на Бирото за јавна безбедност. Негов наследник не е именуван, но засега со БЈБ ќе раководи заменикот Бесир Деари. Велковски мораше да замине поради аферата со службениот џип на Министерството за внатрешни работи, кое ја однесе неговата ќерка и другарките на одмор во Грција. Премиерот Зоран Заев вчера рече дека Велковски е член на СДСМ, но „законот важел еднакво за сите“. Најави дека и натаму ќе остане во МВР поради искуството што го има.
Аферата пукна на Илинден кога полицискиот џип беше сликан на грчка патарина и пред кампот Евридики. МВР најпрво тврдеше дека возилото било во кругот на министерството, па дека е точно оти било во Грција, но не се знаело кој го управувал. На крајот, Велковски призна дека неговиот телохранител ја однел ќерка му поради проценка оти не е безбедно да патува сама заради заканите и настаните на прославата на Илинден во Крушево. Министерот Оливер Спасовски не ги прифати ваквите објаснувања, а внатрешната истрага утврди дека не била запазена процедурата за службено патување, поради што побара владата да го разреши Велковски.