Бујановац го сместивме во Косово, Србите бесни

Лапсус, невнимание или незнаење уште еднаш ги разжестија македонско-српските односи. Белградските весници ја прераскажуваат случката на Горан Стевановиќ од селото Жбевац кај Бујановац, кому матичарите од Скопје му издале официјален документ за смртта на татко му, според кој малото гратче на југот од Србија се наоѓа во Косово.

„Малку е да кажам дека сум збунет. Уплатив 300 денари и љубезно ми рекоа да дојдам за половина час. Кога го преземав документот, имав што да видам. Бев бесен“, вели Стевановиќ за „Вечерње новости“.

Во Македонија, како што објаснува, бил за да извади извод од матичната книга на умрени за својот татко Душан, кој по несреќата во Бујановац во 1984 година бил префрлен на лечење во Скопје каде починал по неколку дена.

Бесот на Стевановиќ бил залуден, затоа што кога се вратил да му укаже за грешката на матичарот, му било кажано оти во македонскиот систем така е заведено и не може ништо да се преправи.

„Не ми беше сеедно, но го зедов документот и заминав. Сега се грижам дали документот ќе ми биде валиден во Србија“, се јадосува Србинот.