Булевар „Србија“ – булевар на смртта

Прошетката на дедото и бабата со својата тригодишна внука заврши кобно, откако комбе ги прегази тројцата на булеварот „Србија“ во скопската населба Ново Лисиче.

Два и пол часа по несреќата шеесет и едногодишната баба им подлегна на повредите и почина во Клиничкиот центар, дедото заврши со полесни повреди, а нивната тригодишна внука во тешка здравствена состојба е задржана на Детската хирургија во Клиничкиот центар.

Несреќата се случи завчера вечерта, околу 20 часот, кога комбе „пежо партнер“ удрило во пешаците пред полициската станица, каде што завршува Детската улица. Граѓанин кој бил на местото на сообраќајката на социјалните мрежи сведочи дека комбето ги прегазило тројцата со брзина на светлината. Граѓаните што се нашле на местото на несреќата го ваделе девојчето од под автомобилот, а жената ја реанимирале на самото место. Бабата и детето ги однеле веднаш со Брза помош во болница, а дедото со тупаници се удирал по главата и лелекал.

„Ве молам, заземете се веднаш, да поставите семафори на тој пешачки премин. Растојанието од едните до другите семафори е големо. Да се премине пешачкиот премин на тоа место е еднакво на добивка на седумка на лото. Многу деца одат на училиште од другата страна на булеварот кон Аеродром и обратно. Се надевам дека сериозно ќе го разгледате овој предлог и ќе го ставите на листата со приоритети“, му напишаа жителите на градоначалникот.

Жителите пишуваат дека на булеварот се вози со преголема брзина како на автопат, а не во населено место, иако возачите поминуваат покрај полициска станица и во близина е Детската улица. На тој дел има пешачки премин, но нема семафор. „Зошто нема семафор тука кај пешачкиот кога виќе се нема сообраќајна култура?“, реагираат жителите.

Жителка на Ново Лисиче, која секојдневно со своите две малолетни деца го минува булеварот за да ги однесе во градинка, во разговор за „Независен“ вели дека на тоа место каде што се случи сообраќајката има пешачки премин, но многу ретко некој од возачите застанува.

„Страшно е тоа што ако застане возачот од првата лента, најчесто не застанува тој од втората лента. Семафорите се меѓу себе оддалечени многу, едниот е кај споменикот на Јане Сандански, а другиот кај мостот „Близнаци“ и се вози многу брзо. Има возачи кои преку тротоарот вртат полукружно, а ваков прекршок прават и полицајци од полициската станица која е во близина“, раскажува мајката која живее во Ново Лисиче, населба во која има многу деца.

Дел од жителите бараат и поголемо присуство на полицијата на овие места, а уште еден проблем е и слабото улично осветлување.
Дел од граѓаните на социјалните мрежи објавуваат и видеа за тоа како изгледа навечер да се живее во близина на булеварот „Србија“.

Возачот на комбето е идентификуван и со него е извршен разговор по сообраќајната несреќа, но засега обвинителството нема побарано притвор за него. Јавен обвинител синоќа извршил увид на местото на несреќата и издал наредба за проверка на присуство на алкохол и наркотици во крвта и урината на возачот. Возилото, пак, е подигнато од местото на несреќата и е предадено на вештачење. По наредба на обвинителот, телото на починатата жена е предадено на обдукција.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, изрази сочувство до семејството и жалење за сообраќајката што се случи. Тој вели дека Општина вчера веднаш поднела иницијатива до Градот Скопје за да се најде ново сообраќајно решение за овој булевар, за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

– Континуирано работиме на зголемување на безбедноста на сообраќајот за улиците што се под надлежност на Општина Аеродром. За таа цел е поставена хоризонтална и вертикална сигнализација пред училиштата „Блаже Конески“, „Александар Македонски“, како и пред клонот „Сонце“ на детската градинка „Бубамара“ во Реонски центар. Исто така, ваква сигнализација моментално се поставува и пред основното училиште „Браќа Миладиновци, која е една од локациите што ја имате и самите посочено. Остануваме отворени за дополнителни предлози, безбедноста е еден од основните наши приоритети – напиша градоначалникот на социјалните мрежи.

Од Општина Аеродром топката ја префрлаат во Град Скопје бидејќи главните булевари биле во надлежност на градот, додека Општината се грижела за споредните улички.

Билтенот на Министерството за внатрешни работи вчера беше полн со сообраќајни несреќи, а во текот на завчерашниот ден само во Скопје се случиле 12 сообраќајни несреќи. Една од несреќите заврши со жртва, три лица биле тешко повредени, пет имале телесни повреди и во три сообраќајки била направена материјална штета.

Нема драстично намалување на сообраќајките
Статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи покажуваат благ пад на бројот на случени сообраќајни несреќи споредени во периодот од јануари до јуни 2017 година во однос на истиот период оваа година. Во овој период во 2017 година регистрирани се вкупно 1.793 сообраќајки, а оваа година се случиле 1.658 несреќи. И оваа година и лани во несреќите настрадале над 2.000 луѓе, оваа година загинале 52 лице, а минатата 57 лица.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Статистички податоци за сообраќај20172016јануари – јуни 2018јануари – јуни 2017
вкупен број на настрадани пешаци948906422438
загинати пешаци3435910
тешко повредени пешаци1861648879
лесно повредени пешаци728707325349
вкупен број на случени сообраќајни незгоди4.0193.9041.6581.793
број на сообраќајни незгоди предизвикани од возачи во алкохолизирана состојба300332134153
вкупен број на настрадани лица во сообраќајни незгоди6.3796.1632.6552.754
број на загинати лица во сообраќајни незгоди1551655752
број на повредени лица6.2245.9712.5982.702
 Статистички податоци од областа на сообраќајот за 2017 година и јануари – јуни 2018 година