Бранителите бараат ослободителна пресуда за „Титаник“, расправата ќе продолжи на 28 мај


Со воведни говори на останатите адвокати на одбраната на обвинетите во предметот на СЈО „Титаник“ расправата по него ќе продолжи на 28 мај.

Денеска воведни говори имаа адвокатите на дел од обвинетите Димитар Дангов, Еленко Миланов, Стерјо Зиков, Дончо Наков.

Претпладне во воведниот говор на адвокатот на поранешниот премиер Никола Груевски, Дангов побара ослободителна пресуда за Груевски.

Дангов денеска побара ослободителна пресуда и за уште тројца обвинети и рече дека ќе докажат дека обвинетите не сториле ниту едно кривично дело за кое се обвинети.

– Ќе докажеме дека не постоел извор на финансирање и дека не постоеле незаконски средства за финансирање на кампања, рече адвокатот Дангов и додаде дека во периодот од 2011 до мај 2014 година никој од обвинетите не сториле кривични дејствија.

Според него, ќе се докаже и дека обвинетиот Едмонд Темелко не го сторил делото, нагласувајќи дека тоа и СЈО го докажува со тоа што посочуваат дека делото го извршил сведок и други непознати лица, а не градоначалникот на Пустец и претседател на политичка партија на Македонците во Албанија.

Дангов во воведниот говор ги спомна и аудио снимките по кои е покренато обвинението. Според него материјалите произлезени од незаконското следење на комуникациите се незаконити.

– Иако СЈО ги добило законски, СДСМ материјалите ги предал во 2015 година кога е во важност Законот за заштита на податоци, реча тој и побара судот да не ги прифати аудио снимките бидејќи се незаконски и се повредени правата за заштита на лични податоци.

Претходно воведни зборови даде адвокатот Дончо Наков кој рече дека некои од членовите на „злосторничкото здружување“, биле само неколку часа членови на таа група, па според него, тоа е невозможно во тој краток временски период да извршиле некакво кривично дело.

Во „Титаник“ обвиненти се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.