Борисов: Пристапот кон миграцијата ја распарчува Европа

Софија – Даблинскиот договор, кој ги регулира миграциските прашања во Европа, води до раскол меѓу членките на Европската унија, предупреди бугарскиот премиер Бојко Борисов.

– Овој Договор не само што ја дели, туку буквално ја распарчува Европа, изјави Борисов на заедничката прес-конференција со чешкиот премиер во оставка Андреј Бабиш.

Договорот кој предвидува враќање на одбиените баратели на азил во првата држава членка на ЕУ преку која барателот влегол во Унијата, придонесе кон спор меѓу европските држави за начинот на кој ќе биде распределен мигрантскиот бран од 2015 и 2016 година.

– Познато е дека ние се бориме против квотите за мигранти. Квотите се неефикасни и потребно е да се постигне компромис, изјави Бабиш, за барањето на државите како Германија и Шведска за распределување на дел од мигрантите во државите од средна Европа како Полска, Унгарија, Словачка и Чешка, кои остро се спротиставуваат на ова барање.