Борисов: Има напредок во инфраструктурното поврзување на Западниот Балкан

Напредокот во иницијативите за зголемување на меѓусебната поврзаност на Западниот Балкан е едно од постигнувањата меѓу приоритетите на бугарското претседавање со ЕУ, што се однесуваат на европерспективата на регионот, изјави денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов на средба со потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович.

Како што соопшти прес-службата на бугарската Влада, на средбата било изразено заедничко мислење дека унапредувањето на регионалната соработка и енергетската интеграција на регионот се важни за воспоставување безбеден, доброфункционален и достапен енергетски систем.

Борисов ја истакнал и важноста на изградба на гасниот центар „Балкан“, кој е дел од политиката за интеграција и развој на слободен и конкурентен пазар на гас во Југоисточна Европа. Бугарскиот премиер посочил дека преку овој балкански проект ќе се гарантира либерализацијата на енергетските пазари и ќе има достапна енергија за потрошувачите.

За време на средбата со Шефчович бугарскиот премиерот исто така навел и дека како претседавач со Советот на ЕУ, Бугарија ќе ги продолжи активностите за постигнување на стабилна Европска енергетска унија и позитивни резултати во приоритетните теми во областа на енергетиката.