Биба Додева од „Борка“ и Ана Јаневска Делева од „Транспарентност“ ќе ги следат јавните набавки на Хематологија


Ана Јаневска Делева и Биба Додева Христова од организациите „Транспаренси Македонија“ и Здружението на граѓани за борба против рак „Борка“ се двете надворешни стручни лица кои на барање на менаџментот и стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје ќе учествуваат во мониторирањето на целокупниот процес на јавни набавки, соопштија од Клиниката.

Според Законот за јавни набавки, двете во својство на надворешни стручни лица, кои не се вработени на клиниката, со делегирана надлежност ќе го следат и да вршат увид во начинот на кој се реализираат јавните набавки на клиниката, наведе Клиниката на хематологија

-Уверени сме дека со овој чекор за унапредување на соработката со НВО секторот воспоставуваме највисоки стандарди за отчетност и транспарентност во процесот на спроведување на јавните набавки. Искрено веруваме дека преку ваквиот пристап пациентите и целата јавност ќе добијат поголема сигурност во квалитетот на здравствени услуги и лековите кои се неопходни за нивно лекување. Несомнено е дека даночните обврзници имаат целосно право да знаат и во секое време да имаат увид на кој начин и за кои цели се троши секој нивен денар. Наша обврска е тоа да го овозможиме преку вклучување на највисоко ниво на јавност во нашето функционирање – соопштија од Клиниката.