БЕГ зголемува приклучоци за парно, Шилегов најавува преземање
Акцијата за бесплатно приклучување кон системот за централно греење со кој управуваат лиценцираните компании основани од БЕГ АД почна пред 10 дена а од компанијата соопштуваат дека има голем интерес кај правните лица и домаќинствата во градот Скопје.
„Пристигнаа 110 барања за приклучок во новата грејна сезона 2018/2019 година. Споредено со истиот период минатата година, интересот за приклучување кон системот за топлинска енергија е зголемен за над 50 отсто. Ова се должи на повеќегодишното подобрување на квалитетот на услугата и намалувањето на цената, која во периодот од 2013-та до 2018-та година вкупно се намали од 33% до 66%, во зависност од категоријата на потрошувачи “, велат од БЕГ.
Акцијата за бесплатен приклучок ќе трае до 15 септември, потоа до 30-ти септември корисниците ќе плаќаат 50% од предвидените трошоци за оваа услуга. Од 1-ви октомври приклучувањето ќе се наплаќа во целост, согласно важечкиот ценовник.
Компаниите „Производство на топлина – Балкан енерџи“, „Дистрибуција со топлина – Балкан енерџи“ и „Снабдување со топлина – Балкан енерџи“ се посебни правни субјекти и секоја од нив поседува соодветна важечка лиценца издадена од Регулаторна комисија за енергетика издадени на 31.12.2012 година, кои се во целосна согласност со новиот Закон за енергетика. Лиценцата за производство на топлина што ја поседува компанијата „Производство на топлина – Балкан енерџи“ е со важност од 35 години, лиценцата за дистрибуција на топлина што ја поседува компанијата „Дистрибуција со топлина – Балкан енерџи“ е со важност од 35 години, додека лиценцата за снабдување со топлина што ја поседува компанијата „Снабдување со топлина – Балкан енерџи“ е со важност од 10 години.
„Подготовките за новата грејна сезона се одвиваат согласно планот, што е гаранција за непречен старт и одвивање на истата“, велат од БЕГ.
Од БЕГ АД велат дека ќе продолжат да соработуваат со сите надлежни институции, и дека очекуваат партнерски и сериозен пристап во делот на топлинската енергија на територија на градот Скопје, особено имајќи го предвид проблемот со загадувањето на воздухот, кој во голема мера може да се реши со поголема искористеност на системот за централно греење во Скопје.
Градот Скопје, пак, најави дека ќе аплицира во Регулаторната комисија за енергетика за добивање лиценца за вршење дејност за новоото градско претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и дека Градот ќе управува со топловодната мрежа. Градоначалникот Петре Шилегов тврди дека новото јавно претпријатие. ЈП „Градски енергетски системи“ АД Скопје веќе оваа сезона ќе ги снабдува скопјани со топлинска енергија, откако системот ќе биде преземен од „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) и со гас кога ќе се воведе гасификацијата на Скопје.