Аудиоснимки за „Титаник“: Јанакиески менаџира како да се обезбедат гласачи

Во Кривичниот суд на денешното рочиште за „Титаник“ продолжува преслушувањето на „бомбите“ што СЈО ги достави како докази за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година.

Обвинетиот Миле Јанакиески во еден од разговарите договара како да се следат гласачите по избирачки места во општина Центар, на што соговорникот му вели “тоа значи дека ни требаат многу луѓе, а знаеш колку сме слаби со луѓе во месните”. Јанакиески на тоа му одговара “нема, ќе си земам јас луѓе од кај мене од работа”.

Од снимените разговори, исто така, се слуша како Јанакиески разговара за бројот на гласачи во Центар и дека во Центар има вкупно околу 18.000 вработени.

Јанакиески во разговор со Рангелова, се жалат дека многу слабо било работено во Центар. На тоа Рангелова му вели “четири години Тодоровиќ не работи, работено е само последната година, народот си памти, ништо не е направено, јас му велам гадоначалниче општината треба да биде машинерија, се се вработија комуњари, тие не работат за нас”.

Од „бомбите“ се слуша, како во деновите по локалните избори на 24 март 2013 година Јанакиески продолжува да се јавува по функционери и директори да ги потсети дека имаат кај нив вработени „гласачи во Центар“ и дека треба да ги потсетат да гласаат. Се јавува по министерства и компании како Зегин, Макстил, Телеком и други, некаде кажува дека ќе им прати списоци, а некаде ги кажува и по име вработените гласачи што треба да се потсетат да гласаат.

Сашо Мијалков во разговор со Миле Јанакиески, му кажува дека разговарал со Тачи и Адеми и дека ќе гласаат за нив во Центар. Мијалков му посочува дека тоа се околу 700-800 гласа, но дека ќе треба да се организираат коли за да се носат на гласање.

Судењето за „Титаник“ ќе пролжи по паузата.