Апелација го ослободи од притвор косовскиот пратеник Зека и му одреди куќен притвор
Приштинскиот Апелационен суд му одреди куќен притвор на пратеникот и новинар Миљаим Зека кому, поради обвинение за закана врз јавен обвинител, основниот суд минатата недела му одреди 30-дневен престој во притворното одделение на косовската полиција, јави дописникот на МИА од Приштина.
Веста за медиумите ја потврди адвокатот на Зека, Газменд Халилај, кој информира дека во текот на денот пратеникот ќе биде пуштен од притворниот центар и испратен во домашен притвор.
Зека е обивнет од Основното обвинителство во Приштина поради закани врз специјалниот обвинител Африм Шефкиу, кој го води случајот во кој пратеникот на владејачката Иницијатива за Косово (Нисма) се сомничи за измама на повеќе од 900 граѓани со работни визи за Германија, кои ги оштетил со вкупно околу 350 илјади евра.
Зека во интервју за телевизијата Т7 рече дека е повреден поради обвининието и дека лично ќе ги расчисти сметките со Шефкиу, „според канонот на Лека Дукаѓини“.
Два дена подоцна, исто така за закани врз друг обвинител, беше притворен и пратеникот на другата владејачка партија, Алијансата за иднината на Косово (ААК), Шкумбин Демалиај, кому исто така му е изречена мерка притвор од 30 дена и се уште е зад решетки.
Пратеникот од редовите на партијата на премиерот Харадинај му се закани на специјалниот обвинител Риза Бљакај, кој го водеше случајот со лажните воени ветерани и кој, како што објави, поради притисоци од политиката поднесе оставка и отпатува во САД.