Албански рибари „уловија“ мина тешка 600 кг од Втората светска војна

Албански рибари кај островот Сазан, во близина на  Валона, „уловиле“ мина од Втората светска војна тешка околу 600 килограми. Експлозивната направа била во водите на Јонско Море на длабочина од 160 метри и на оддалеченост од околу 14 милји од островот Сазан.

Рибарите ја информирале албанската полиција која мината ја транспортирала во воената база „Трипорт“ во близина на Зврлец.

Според информациите, специјализирани сили на албанската армија ќе извршат натамошни испитувања на застарената експлозивна направа за која рибарите велат дека најверојатно не била активирана.

Инаку, островот Сазан, во чија близина е пронајдена бомбата во минатото на комунистичка Албанија се користел како една од главните воени бази во земјата.