Џипси-панк бендот „Гогол Бордељо“ вечерва со концерт во Скопје
Во рамките на „Seekers And Finders“ турнејата за истоимениот нов албум, вечерва во Младинскиот културен центар во Скопје, концерт ќе одржат „Гогол Бордељо“. Концертот се реализира за одбележувањето на 20 години од фестивалот „Таксират“.
Комбинирајќи ги панк и ромската музика со хумор и ефектни, хаотични и енергични сценски настапи, „Гогол Бордељо“ (Gogol Bordello) ја раскажува приказната за имигрантите и дијаспората.
Aлтернативниот денс-панк бенд „Маика“ и нов музички феномен на регионалната сцена, ќе настапи како специјален гостин на вечерашниот концерт.
Предводникот на бендот, украинецот Јуџин Хуц, бегајќи од катастрофата во Чернобил, се вљубува во мистичните тонови и богатството на ромската музика која не ѝ припаѓа на „мејнстримот“, но со која е поврзан и од семејните корени.
Живеејќи како бегалец во Европа, и самиот го искусил животот во кој не припаѓа никаде, сѐ додека музичкиот пат не го одведе во Њујорк каде што го формира бендот.
Во 1999-та година го објавуваат првиот албум „Voi-La Intruder“ кој го претставува ворлд-мјузик звукот отсвирен во полна панк брзина, а на кој како соработник и продуцент се потпишува и Џим Скалвунос тапанарот на „Nick Cave & The Bad Seeds“.
Комплетниот бенд со гитари, тапани, хармоника и саксофон на ова издание звучи моќно, а за дополнителна популарност придонесе и самиот Хуц пуштајќи џипси музика во ноќните клубови. Подоцна нивната уникатност и креативност ја освојува и популарната музичка ѕвезда Мадона, која соработува со „Гогол Бордељо“ на нејзиното режисерско деби, филмот „Filth and Wisdom“ во кој, покрај музиката, Јуџин Хуц е задолжен и за главната улога.
Со осумте досега студиски изданија, подоцна проследени со небројни турнеи, со незапирливиот продор на Јуџин на уметничката и филмската сцена, како и поддршката од славните имиња на светската сцена, членовите на „Гогол Бордељо“ со право важат за големи меѓународни музички ѕвезди кои од андерграунд легенди прераснаа во интернационален феномен.
„Гогол Бордељо“ е бенд за кој се вели дека постојано го истражува креативниот пекол и ја напаѓа човечката пасивност, бенд кој оди и чекор над музиката, над политичкото, насочувајќи го вниманието кон уметничката револуција на глобалното доба, а следната година нивната нескротлива сценска енергија конечно ќе имаме прилика да ја доживееме и во Скопје. Неповторливиот еклектичен бенд гостува во Скопје промовирајќи го својот нов албум „Seekers And Finders“ објавен во август годинава, а кој се појавува четири години по студискиот претходник „Pura Vida Conspiracy“ (2013).