Ќе се формира турско-саудиска работна група за Кашоги
На предлог на Саудиска Арабија одлучено е да се формира заедничка работна група за расветлување на случајот со исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги, изјави портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калан.
Претходно, шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу изјави дека очекува целосна соработка од Саудиска Арабија за исчезнатиот саудиски новинар на на „Вашингтон Пост“, Џамал Кашоги.
– Сакаме да соработуваме со Саудиска Арабија, бидејќи тоа се случи во саудискиот Генерален конзулат. Саудиска Арабија мора да соработува со нас, посочи Чавушоглу.
Во меѓувреме, британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант им се закани на саудиските власти со „тешки последици“ ако се потврди дека тие се одговорни за исчезнувањето на Кашоги.
Турски официјални претставници во саботата потврдија дека Кашоги е убиен во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
– Ако овие изјави се вистинити, тоа ќе има сериозни последици, бидејќи нашето пријателство и партнерство се засновани на заеднички вредности. Ако Саудијците сакаат да стигнеме до задоволителен заклучок (во тој случај) треба да го најдеме Кашоги. Тие тврдат дека таквите обвинувања не се вистините, тогаш каде е Кашоги, истакна Хант.
Кашоги (59) исчезна на 2 октомври откако влезе во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Турските власти тврдат дека тој е убиен во Конзулатот, додека официјален Ријад тврди дека новинарот ја напуштил зградата неповреден.
Кашоги ја напушти Саудиска Арабија минатата година откако ја критикуваше саудиската политика во Јемен и притисокот што се врши врз критичарите на власта.
Турските медиуми вчера објавија фотографија од наводен саудиски „тим за убиство“, составен од 15 лица, а исто така објавија и видео снимка за сомнително движење во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул по исчезнувањето на Кашоги.
Саудиска Арабија не го коментираше објавувањето на фотографијата и видео снимката.