Ќе се сретнат ли Тачи и Вучиќ на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија?


Косовскиот претседател Хашим Тачи доби покана од Европска унија и од Бугарија да учествува на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија, што ќе се одржи на 17 мај, објави приштинскиот весник „Експрес“.

Весникот посочува дека на поканата до Тачи потпишани се претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.

Претходно беше објавено дека на Самитот ќе учествува косовскиот премиер Рамуш Харадинај, но неговиот советник Авни Арифи изјави дека Харадинај ќе присуствува само на Виенскиот економски форум што ќе се одржи на 18 мај во Софија.

Арифи додаде дека Виенскиот економски форум „на извесен начин е продолжување на Самитот“.

Според „Експрес“ Тачи е повикан на Самитот ЕУ – Западен Балкан поради дијалогот со Белград, бидејќи на Самитот ќе учествува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Српската премиерка Ана Брнабиќ неодамна порача дека учеството на Косово на европскиот самит за Западен Балкан во Софија „како држава е политички нонсенс“, како и дека во зависност од постапките на Приштина околу формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО), Белград ќе одлучи дали ќе учествува на собирот.