Јавниот обвинител спие, „сваровски“ судиите си судат


Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, во посебен извештај што го испрати до Собранието, стави на тапет четворица судии кои работеле под диктат на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, но и пренесувале информации од судските постапки. Сите овие судии – поранешната претседателка на Судскиот совет, Александра Зафировска која сега е член во највисокото судско тело, претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски, судијката од Кривичниот суд, Софија Лаличиќ и судијката од Вишиот управен суд, Светлана Костова, сè уште се во врвот на судството.

Одговорност пред Судскиот совет за нив нема, бидејќи според постојниот закон за Судски совет, постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд се поведува во рок од шест месеци од денот на осознавањето на сторената повреда, но не подоцна од три години од сторувањето на повредата. Овој рок од три години е поминат, па Јанева прашува дали и понатаму ваквите аномалии ќе останат само нотирани и неказнети.

„Дали и колку функционалноста на судскиот систем ќе бележи напредок без коренити промени во законските решенија, без суштинско реформирање на правосудниот систем во целост и без ресетирање на индивидуалната свест на сите општествени чинители?“ прашува Јанева во извештајот.

Сепак, иако Судскиот совет на чело со Зоран Караџовски досега не утврди одговорност кај никој од судиите, овие случаи треба да ги испита јавниот обвинител Љубомир Јовески. Адвокатот и правник Звонко Давидовиќ го повикува јавниот обвинител да се разбуди и да ја испита работата на судиите, односно да утврди дали во својата работа направиле кривично дело.

„Јавниот обвинител треба да се разбуди, тој го има посебниот извештај на СЈО,  извештајот на Прибе, ГРЕКО, на Советот на Европа, истите работи се потенцираат и тој спие. Одговорност треба да се утврди и за АКМИСОТ. Сепак, и во извештајот на Јанева има информации кои фрлаат сомнеж дека судиите направиле кривично дело. Протекувале информации од доверлив карактер, од истрага… што ако е провалена државна или службена тајна? Тоа е посебно кривично дело, попречување на истрага“, вели Давидовиќ.

Според него, без одговорност нема да се ресетира правниот систем.

„Ако има основи на кривично дело, нека подигне обвинение, ако нема основи на кривично дело, а има сомневање, нека донесе јавнообвинителска одлука дека не постои основ за гонење. Вака остануваме во фаза на сомневања, секој толкува како што сака и тоа е погубно. На тој начин, ние не можеме да го ресетираме правниот систем“, вели Давидовиќ.

Телефонските разговори што се во рацете на СЈО покажале дека Зафировска, додека била на чело на Советот, ширум ја отворила вратата за политички влијанија и ѝ овозможила на тогашната владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, целосно да ги контролира институциите на судскиот систем. Партијата нарачувала и договарала избори на судии, директно интервенирала во носење судски одлуки, корупција, реваншизам и со еден збор, ги политизирала сите сегменти на судската власт.

Зафировска го известувала и консултирала Груевски при носењето на најзначајните одлуки на Судскиот совет и тој имал клучна улога при изборот на судии и стручни соработници. Таа заедно со Груевски, тогашниот министер за правда, Блерим Беџети, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, одлучувале заедно за избор на „подобни“ судии и за разрешување на „неподобни“ судии, а стручните соработници ги бирале според партиски списоци.

Јанева констатира дека не постои одредба од Етичкиот кодекс за членовите на Судскиот совет која Зафировска не ја повредила. Но, Зафировска останува член на Судскиот совет и таа сè уште решава за независноста и самостојноста на своите колеги.

Сегашниот прв човек на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој е и прв судија во судскиот систем, наместо да биде пример за чесност и правичност, изнесувал информации од судските постапки кои се водат пред овој суд, интервенирал кај други судии за предметите и им давал сугестии како да постапуваат.

Телефонските разговори на СЈО покажуваат дека на судијката од Кривичниот суд, Софија Лаличиќ, која сега суди и предмети на СЈО, Мијалков ѝ ветил дека ќе биде избрана за судијка, една година претходно.

Во нејзиниот незаконски избор биле вмешани одредени членови на Судскиот совет, високи функционери од извршната и судската власт, а клучна улога одиграл Мијалков.

Договорен бил и начинот на кој таа ќе биде предложена за избор, како и едногласното прифаќање на тој предлог, при што особено се внимавало да не биде очигледно од кои причини таа била фаворизирана пред другите кандидати. Внимателно бил одбран дури и моментот на која седница на Судскиот совет ќе биде извршен изборот, така што било договорено тоа да биде на седница на која ќе се бираат кандидати од два одделни конкурси за судии. Аудиоснимки од телефонски разговори остварени непосредно по изборот на Лаличиќ за судија во Основен суд Скопје 1 Скопје го покажуваат нејзиното стравување дека одредени медиуми ќе пишуваат за начинот на кој била избрана за судија.

Нејзините врски со извршната власт не завршиле со изборот за судија, туку тогаш се интензивирале. Лаличиќ примала ургенции од секаков карактер, споделувала информации до кои дошла при вршењето на функцијата за цели кои не биле поврзани со судиските должности, зборувала со трети лица за внатрешните состојби во Кривичниот суд и се однесувала недостоинствено во личните и социјалните односи.

Судијката, пак, од Вишиот управен суд, Светлана Костова, два-три месеца по стапувањето на функција во судот, била судијка но работела и во УБК. Таму организирала состаноци и во исто време судела.

Од сето ова произлегува дека независноста на судството останува само идеја запишана во законите, а токму непристрасните судии треба да ни го обезбедат патот кон Европската Унија.

Членовите на Судскиот совет да ги бираат судиите

За да се обезбедат одговорност и санкционирање на очигледните неправилности при вршењето на судиската функција, специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, на Собранието му предлага интервенција во Законот за Судски совет во однос на рокот за поведување на постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд на начин што тој да биде еквивалентен на мандатот на вршителот на судиската функција и измени во поглед на санкционирањето, на начин што ќе се воведе разновидност на санкциите и построго санкционирање кое пред сѐ ќе оневозможи несоодветен напредок во кариерата.

Според Јанева, реформите во судството треба да почнат од Судскиот совет. Таа смета дека Собранието треба да се откаже од својата уставна надлежност да избира членови на Судскиот совет, а воедно и да се одземе уставното право на претседателот да предлага членови на Судскиот совет.

Таа предлага сите членови на Судскиот совет да ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори со тајно гласање.

„Тоа значи дека самите судии ќе одлучуваат кои ќе бидат нивни претставници во Судскиот совет, а од друга страна пак, како членови можат да конкурираат само веќе избрани судии, со што дополнително ќе се елиминираат сите евентуални злоупотреби на терминот ‘истакнат правник’ преку кој досега во судството беа инфилтрирани повеќе личности со сомнителни биографии. Судиите најдобро ја познаваат состојбата во судството и со своето членување во Судскиот совет можат на директен начин да придонесат во подобрувањето на таа состојба“, пишува Јанева.

Таа бара да им се намали мандатот на членовите на Судскиот совет, а дополнително ја проблематизира и дисциплинската неодговорност на членовите на Судскиот совет, бидејќи согласно со позитивните законски прописи тие не одговараат пред никој за својата работа.

Фросина Факова – Серафиновиќ