Ѕанакопулос: Ерга омнес значи промена на уставното име на соседите
Промена на уставното име, употреба во внатрешноста на земјата и заложба владата зад себе да го остави иредентизмот, се барањата од официјална Атина за постигнување решение, објаснува портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за радиото Солун 94.5.
Ставот на Ѕанакопулос, пренесува дописникот на МИА од Атина, е дека се почнати интензивни преговори со соседите, а дека грчката позиција е јасна.
-Нашата позиција е едно име, ерга омнес, што ќе се користи за сите, а нашите соседи ќе го користат во внатрешноста, односно ќе постои и промена на уставното име за да можеме да се најдеме во полето за решение, вели Ѕанакопулос за радиото и додава дека Грција не може да ја прифати иредентистичката реторика од минатото.
-Владата гарантира дека ќе постои решение само доколку постои јасна заложба од страна на нашите соседи дека ќе ги остават зад себе сите иредентистички и ултранационалистички ставови, што во минатото беа искористени од нивна страна и во рамки на преговорите и во рамки на градењето на една национална свест. Овие работи не можат да бидат прифатени од грчка страна. Грчката влада гарантира дека нема да постои решение доколку нашите соседи ги задржат иредентистичките стремежи, објаснува портпаролот на грчката влада.
Според Ѕанакопулос, намерата на владата е да постои најширок можен парламентарен и политички консензус за евентуалното решение.