Ципрас и Заев ќе разговараат и ќе ги брифираат лидерите
Премиерот Зоран Заев од денеска е во Софија каде што ќе учествува на самитот ЕУ-Западен Балкан и ќе има билатерална средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас. И Заев и извори од Брисел најавија дека спорот за името нема да се реши тука, но очекувањата од втората средба на македонскиот и на грчкиот премиер се големи, и кај нас и во Европа. Во Софија ќе бидат сите највисоки функционери на ЕУ, Ангела Меркел, Емануел Макрон, сите регионални лидери, а таму ќе се одржи и самит на народните партии на кој ќе присуствува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ќе добие лични пораки што очекува ЕУ од нас, од Владата, од него и околу спорот за името. Предвидено е самитот вечерва да започне со вечера во Софискиот технолошки парк, а според некои најави од грчки извори, можно Заев и Ципрас да имаат средба уште денес, па и втора утре.
За време на Самитот, Заев ќе има билатерални средби со претседателот на Франција Макрон, со германската канцеларка Меркел, како и со премиерот на Холандија, Марк Руте. Во агендата на премиерот се испланирани и билатералните средби со премиерите на Австрија, Шведска и Естонија – Себастијан Курц, Стефан Лофвен и Јури Ратас, како и со Кристалина Георгиева, извршна директорка на Светската банка. Од кабинетот на премиерот најавија дека тој ќе учествува исто така на економски форум во петок, но нејасно е како кога веднаш по самитот во Македонија ќе дојде британската премиерка Тереза Меј, како прва од 1999 година кога Тони Блер престојуваше тука заради кризата во Стенковец. Доаѓањето на Меј неофицијално сменило многу планови, а засега нема ни информации која е целта на набрзина договорената посета, освен можеби претстојниот јулски Самит за Западен Балкан во Лондон. Како и да е, ваков профил на политичар Македонија нема видено подолг период бидејќи освен премиерските посети на лидерите од регионот и Виктор Орбан и Милош Земан како исклучок, не се памети посета на влијателен западен лидер на земјата.
Во ЕУ владее оптимизам дека е можен договор меѓу Скопје и Атина во текот на идниот месец. Висок дипломатски извор, близок до Европскиот совет, вчера информирал во Брисел дека лидерите на ЕУ очекуваат добри вести од Скопје и Атина.
– Сѐ уште нема среќен крај и нема да има оваа недела, но има добар напредок. Она што е важно е да има решение за грчко-македонскиот спор на почетокот на јуни, тоа би можело да е клучно за позитивна одлука на Европскиот Совет во јуни – брифирал дипломатот.
На тој состанок се очекува да се активира препораката на ЕК за старт на преговори соа Македонија.
– Тоа е временската рамка што ни е потребна – изјави дипломатот најавувајќи дека во Софија лидерите ќе бидат брифирани од Заев и од Ципрас за текот на преговорите за името. Во Брисел сметаат дека доколку Македонија и Грција постигнат договор за спорот може да се очекува „позитивно прелевање“ во другите земји во регионот.
– Ќе има импакт врз општата атмосфера, но и врз одлуката за Албанија – изјави дипломатот.
Запрашан дали ЕУ разгледува опција за отворање преговори без конечен компромис на спорот за името помеѓу двете страни, дипломатот одговори:
– Она што нам ни е потребно е позитивен сигнал од билатералните односи. Уште сме полни со надеж дека е можно во јуни да се постигне договор и се надеваме дека Заев и Ципрас ќе го оправдаат нашиот оптимизам уште повеќе.
Самитот ЕУ-Западен Балкан се одржува со цел ЕУ да воспостави тесни врски со регионот, како одговор на обидите на Русија да го зајакне своето влијание. Сенка на Самитот фрли косовското прашање, односно одбивањето на некои земји да дојдат во Софија бидејќи не ја признаваат независноста на Косово. Сепак, од најавите се гледа дека шпанскиот премиер ќе биде таму на Самитот на народните партии, така што најверојатно ќе присуствува и на формалниот Самит на ЕУ. Иако претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, минатата недела предупреди дека на Балканот драматично му е неопходна европска перспектива или, како што рече, во спротивно ќе ги доживееме сите несреќи што ги видовме во 90-тите години, натопени во крвта во војните од регионот. Проширувањето нема да биде главна тема, туку фокусот ќе биде ставен на поврзување на регионот. (С.Ј.)
Седумдесет отсто од Бугарите сакаат Македонија да влезе во ЕУ
Бугарите ја поддржуваат интеграцијата на државите од Западен Балкан во Европската Унија и сметаат дека нивната земја има интерес тие да станат дел од европското семејство, покажуваат резултатите од истражувањето на центарот „Тренд“, изработено по нарачка на „24 часа“.
Најсилна поддршка Бугарите даваат за приемот на Македонија и Србија. Седумдесет отсто од анкетираните го поддржуваат влезот на Македонија во ЕУ, додека 67 отсто го поддржуваат приемот на Србија, при што оваа висока поддршка се должи на заедничките корени на трите земји во однос на културолошка и религиозна смисла.
Најмала е поддршката за влезот на Албанија во ЕУ (45 отсто) и Косово (42 отсто), но и покрај тоа таа е повисока во споредба со мислењето дека тие земји не треба да станат дел од европското семејство.
Туск разговараше со Ципрас за спорот за името
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, вчера попладне имаше договорена средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас околу самитот во Софија. Најавено беше дека Туск и Ципрас ќе разговараат за спорот за името и за напредокот во преговорите.
– ЕУ не очекува спорот да се реши неделава, но би сакала Македонија и Грција да дојдат до компромис на почетокот на јуни, за да можат лидерите на ЕУ да ја одобрат препораката на ЕК за почеток на преговори дадена во април – изјави висок дипломатски извор во Европскиот совет.
На договорот се пишува, се брише, се додава…
Атина – Врз основа на три различни текста, два од министрите за надворешни работи и еден од медијаторот, Скопје и Атина продолжуваат да бараат решение, пишува весникот „Катимерини“. Според информациите на новинарот, ниту еден од овие текстови не е конечен и дефинитивен. Во изминатите денови со брз ритам се пишуваат, се бришат, се разменуваат, со цел да има напредок пред средбата на премиерите на двете земји во Софија, а главната разлика во разговорите и понатаму е ерга омнес.
– Основно сценарио за разговорите на двајцата лидери ќе биде она за склучување меѓународен договор што ќе треба да биде одобрен од парламентите на двете земји. Во овој текст, според информациите, ќе постои условеност, интеграцијата на ПЈРМ во НАТО да „се отклучи“ кога ќе се направи ревизија на уставот и на овој начин ќе се гарантира ерга омнес. Постои сериозна веројатност двајцата премиери да се сретнат двапати, вечерва и во утре наутро – објави „Катимерини“.
Според весникот, постои договор за 10 од 14 поглавја, главно за намерата на двете страни да имаат поголема соработка во економијата, во образованието и културата. Поглавја на кои, според „Катимерини“, нема да има влијание конечниот резултат од преговорите.
– Сепак, остануваат нерешени ерга омнес, начинот на кој ќе се одобри договорот во ПЈРМ, особено уставната ревизија, државјанството и јазикот на соседната земја – додава новинарот.