Хитовите на АББА ечеа во МНТ, актерите се надминаа себеси


Најголемите хитови на шведската група АББА вчеравечер ечеа во Македонскиот народен театар. Претставата „Мама миа!“ во режија на Наташа Поплавска и во кореографија на Олга Панго е вториот лиценциран бродвејски мјузикл кој се поставува кај нас, по „Чикаго“. „Мама миа!“ е копродукциски проект помеѓу МНТ и словенечката компанија „Проспот“.

Во 180 минути, со една пауза, беше раскажана приказната за младата Софи Шеридан која е во потрага по својот вистински татко непосредно пред нејзината свадба. Нејзината улога ја толкува актерката Нина Деан, која е и одлична танчарка, а вчеравечер докажа дека и пеењето е нејзина силна страна.

Мајката на Софи, Дона Шеридан ја толкува Биљана Драгичевиќ-Пројковска, а нејзините пријателки Рози и Тања ги играат Тања Кочовска и Арна Шијак. Оваа женска актерска тројка, како и многупати досега, така и вчера на сцената ги изнесоа сите квалитети со кои располагаат, играње, пеење и глумење.

Потенцијалните татковци, пак, Сем, Бил и Хари, беа одиграни од актерите Кире Ѓоревски, Трајче Георгиев и Владимир Јачев кои вешто одговорија на задачата. На сцената се и голем број млади актери што ги пополнуваат раскошните сцени и и даваат моќност на приказната.

 

Улогата на Скај, свршеникот на Софи ја толкува младиот и штотуку излезен актер од ФДУ Никола Наковски, кој перфектно парираше со Нина Деан на сцената.

Одлична работа завршила и актерката Тина Трпковска, која имаше за задача да ги преведе хитовите од АББА на македонски јазик. Музиката се изведува од бенд во живо со кој диригира Бисера Чадловска. Но не смееме да ги изоставиме и придружните вокали и инструкторки за пеење Ана Костадиновска и Сара Николовска кои заедно со хорот им дадоа на песните посебна енергија. Единствено, само песната „Waterloo“ на крајот од претставата беше отпеана во оригиналната верзија на англиски јазик.

Салата во театарот беше целосно исполнета со разновидна публика во која доминираа личности од јавниот живот, актери, музичари, политичари.

Премиерата помина во весела атмосфера со сите нишани, а следните репризи до крајот на годинава ќе бидат на 26, 28 и на 29 декември. Следни термини се 12, 13 и 23 јануари 2018. Не ја пропуштајте!

И. Настеска

фото: МИА