Хероина во Кан: Кристен Стјуарт ги соблече Лубутанките на црвениот килим


Франција– Американската актерка Кристен Стјуарт ги соблече високите потпетици на „Кристијан Лубутан“ на црвениот килим во Кан и медиумите веднаш ја прогласија за хероина.

Стјуарт, која присуствуваше на премиерата на филмот „BlacKkKlansman“ , облече кратко фустанче на Шанел, и го прекрши правилото на филмскиот фестивал.

Канскиот претставува ригорозно организирана железна ракавица обвиткана во гламур, една надреална кореографија на режиран раскош. Тоа е еден посебен свет со строги правила и традиција, а минувањето низ него е вртоглаво дури и за најискусните ѕвезди.

Спорот околу обувките на црвениот тепих во Кан е пример за необичноста на овој возвишен екосистем. Пред неколку години, неколку гостинки беа вратени од премиерата на драмата од 50-тите „Керол“ на Тод Хејнс бидејќи не носеле високи потпетици. Откако се расчу веста, следуваа острите реакции.

Фестивалот настојуваше дека инцидентите се должат на некои припадници на обезбедувањето што престрого го протолкувале дрес-кодот, но дури и холивудски филмаџии раскажуваа дека не им било дозволено да влезат на сопствените премиери бидејќи не носеле соодветни обувки или носеле вратоврска наместо пеперушка.

„Си има традиција“, изјави тогаш Оскаровката Кејт Бланшет која заедно со Руни Мара ги играа главните улоги во „Керол“. „Има нешто џентлменско во сето тоа“, додаде таа.