Фред Фрит: Импровизацијата игра голема улога кај музичарите


Музичарот кој недостасуваше изминативе години на Скопскиот џез фестивал, Фред Фрит, конечно доаѓа во Скопје. Неговиот концерт ќе се одржи на 21 февруари, среда, во Македонската филхармонија на малата сцена во 20 часот.

Фрит е мултиинструменталист, импровизатор и композитор и е еден од најпознатите музичари од светот на авангардната музика. Во интервју за македонскиот музички новинар Ненад Георгиевски, кое беше објавено во книгата „Музика и муабети“ во издание на „Полица“, Фрит раскажува за импровизирањето како стартна точка на големите таленти, но и за неговиот ангажман на колеџот Милс во Калифорнија каде што работи како професор.

Нивниот разговор кој е реализиран пред десетина години, сè уште е актуелен и со дозвола на авторот ви го пренесуваме во целост.

***

Фред Фрит – Уметноста на импровизирањето

Мултиинструменталистот, импровизаторот и композиторот Фред Fрит е еден од најпознатите музичари од светот на авангардната музика. Тој е еден од оснивачите на култниот англиски бенд Henry Cow, колектив кој за време на своето 10 годишно постоење создаде иновативна и прекрасна бучава. Нивната музика е невозможна за класификација, бидејќи иако ги ставаат во кошара за прогресивен рок, нивната импровизаторска природа посочува на авангардата.
Кон крајот на 70те се сели во Њујорк, каде почнува да соработува со многу имиња од таа сцена со кои оформува разни проекти – Џон Зорн (Naked City), Том Кора (Skeleton Crew), Бил Ласвел (Massacre, Material), Марк Рибо, Икуе Мори (Death Ambient), Брајан Ино. Во 80те тој пишува музика за филм, театар, танчерски групи што од своја страна довело до тоа да соработува и компонира за Rova Sax Quartet, Ensemble Modern, Asko Ensemble, Guitar Quartet, Keep The Dog. Неговата музика, размислувања и богатата биографија се тема на филмот Step Across the Border а сето тоа го доведе да работи како професор на престижниот колеџ Милс, Оукленд, Калифорнија, каде Фрит го пренесува своето знаење на студентите.
За импровизирањето се вели дека е компонирање на лице место. Изданијата на Фред Фрит, како и неговите импровизаторски концерти се убави документи за истражувањата на еден виртуоз со еден инструмент кој има безброј тонски можности. Интервјуто се случи 2005 г во рамките на фестивалот Ринг Ринг во Белград каде Фрит даде извонреден импровизаторски концерт на соло гитара. Тој ги користеше сите можни начини да произведе звук од електричната гитара почнувајќи од истурање разни предмети врз неа, од клинци и лагери, па до истурање песок или свирење со гудало преку неа.
Како се заинтересиравте за импровизираната музика како форма на изразување?
Сите деца се заинтересирани за импровизирање. Како би препознале едно дете дека е талентирано за музика? Се разбира, кога ќе видите дека импровизира. Што правите кога ќе почне да импровизира? Го учиме да чита музика. Јас импровизирам откако проодев, а верувам и ти исто. Импровизацијата игра многу важна улога кај повеќето музичари, само што некои луѓе се повеќе свесни за тоа во однос на другите. Класичните композитори импровизираат цело време, само што не зборуваат за тоа. Не зборуваат бидејќи на импровизирањето се гледа со сомневање и презир. Во хиерархијата на структуралната музика подобро е да кажеш дека не импровизираш, меѓутоа сите композитори импровизираат. Дури и сите музичари импровизираат, бидејќи кога се интерпретира нечија композиција, секој наоѓа свое место во неа. Наместо да кажам дека импровизирањето е подобро од интерпретирањето на нечија музика, ние треба да кажеме т.е. да увидиме дека постојат различни типови импровизирања кои секој музичар ги прави. Јас многу ги почитувам класичните музичари, бидејќи мораат да импровизираат на одреден начин. Тоа не е истиот начин на кој јас тоа го правам, меѓутоа е од иста важност.

(фото: Цветан Цветанов)

До кој степен импровизацијата игра важна улога кога компонирате нешто? Некои се напишани да би се изведувале онака како што се напишани додека други служат како појдовна точка за понатамошна интерпретација.

Никогаш не сум видел композиција која е изведена на ист начин како што е напишана. Никогаш. Во последните 50 години, најинтересниот развој на случувања, од композициски агол на гледање, е сфаќањето на композиторот во врска со истото. Всушност, тие пишуваат композиции во кои на музичарите им се дава повеќе простор за импровизирање. Затоа, многу композиции, да кажеме оние кои се креирани во последните 50 години, даваат повеќе, (а не помалку) слобода за изведувачот кај интерпретирањето. Мислам дека не треба да се изведе баш онака како е напишано, бидејќи не е напишано дека така треба. Не можете во исто време да зборувате за композиторката Полин Оливиерос и за изведување на композициите точно онака како се напишани. Таа вам ви дава простор во кој вие можете да создадете нешто, но со помош на инструкции кои таа ви ги дава. Тоа е еден поинаков начин на импровизирање.

Вие работите како професор на колеџот Милс во Калифорнија каде ги учите да импровизираат. На кој начин го пренесувате вашето искуство на студентите?

Се обидувам да ги учам како да импровизираат, но бидејќи сум и композитор, ги учам и како да компонираат. Меѓутоа, таму сум најмногу поради импровизирањето. Тоа е пример како музичкиот едукативен систем станува се пофлексибилен. Сите професори на колеџот, на пример Крис Браун кој предава електронска музика и Дејвид Бернштајн кој предава компонирање, се одлични импровизатори, а поред тоа се и одлични композитори. И јас самиот работам со електронската музика, импровизирам и компонирам. Сите го работиме истото, само што моја специјалност е импровизирањето. Ги учам, односно, повеќе ги охрабрувам студентите да бидат доволно љубопитни, со цел да откријат работи кои ним нешто им значат. Може да се случи, и се случило претходно, кога еден студент сака да учи импровизирање на крајот да испадне дека тоа не е тоа што го сака. Тогаш е во ред, бидејќи вие не морате да бидете импровизатор, туку нешто друго. Веќе сте добар во нешто друго, но не мора и да се бавите со ова. Тоа е исто така дел од мојата работа. Да ги научам луѓето да ги препознаат работите кои веќе ги имаат, а не секогаш да се обидуваат да бидат нешто што не се.
Но, што се однесува до учењето како да се импровизира, работата е во тоа што не постои само еден метод. Главниот проблем во учењето импровизирање е за мене прашање на авторитет. Ако сте под претпоставка добар импровизатор, тогаш традиционалниот начин на учење е да се свири заедно со луѓе кои на тој начин би учеле одредени работи од вас и со тоа би учеле работи кои вие ги правите. Мислам дека импровизирањето не е таков вид на активност. Во тој случај јас би ви одговорил дека не работите добро и дека ќе морате да работите на овој начин, што на крајот ќе донесе работи кои мене ми се допаѓаат. Прашањето е дали е тоа добро импровизирање? Мислам дека не е. Можете да научите тоа што јас го правам, но повеќе ме интересира да научите како вие да правите тоа што го правите. За мене, целата поента е во намалувањето на хиерархиите кои постојат помеѓу музичарите. Честопати ги отстранувам нивните инструменти така што кога почнуваме да работиме никој од нив нема инструмент, што значи дека никој од студентите нема да се плаши од техниката на другиот.

Тие мораат да се соочат со тоа кои се, посебно кога јас ќе исчезнам. На почетокот на семестарот може да се случи да им кажам „Добредојдовте, еве ве и за период од 3 недели ќе изведете концерт со импровизирана музика, еве го постерот. Јас заминувам сега и ќе се видиме за 3 недели да видам како сте напреднале„. За нив е тоа начин да видат на кој начин функционираат врските помеѓу луѓето, бидејќи тоа што се случува е дека се појавува уште еден авторитет. Секогаш ќе се појави некој кој ќе сака да ги контролира работите. После тој период од три недели додека работат на импровизирањето, ќе ги замолам да напишат извештај што се случило за време на тие три недели. Тогаш ќе добијам една колекција која понекогаш е многу обемна. Нивните извештаи се секогаш анонимни и поради тоа може отворено да зборуваат што се случило меѓу нив, каква била динамиката.
Јас многу учам од нивните извештаи, бидејќи тие мораат да размислат за тоа што се случувало. Тој период од 3 недели наликува како да сте се повлекле некаде и морате да се соочите со својата способност да комуницирате со други луѓе на различни нивои. После тоа можам да почнам да зборувам и да почнам да ги учам.