(Фото) Ѕвездите собраа милиони долари за добротворната amFar гала во Кан
Франција– Холивудски ѕвезди, европски актери, музичари и манекенки се собраа во Hotel du Cap-Eden-Roc во Кан на 25-от по ред добротворен настан „Киното против сидата“ во организација на фондацијата за истражување лек против сидата amFAR.
Годинава престижниот настан беше во сенката на секс скандалот со обвинетиот продуцент и моќник во Холивуд, Харви Вајнстин кој беше најголемиот донатор на Фондацијата, па затоа Холивуд се фокусираше на глобалната борба против оваа болест. Лани, со негова помош, беа собрани 20 милиони долари. Фондацијата има за цел до 2020 година да пронајде лек за сидата, но традиционално беше повод да се соберат многу познати личности кои се појавија на црвениот килим во свечени, вечерни тоалети.
Најважен момент беше аукцијата на која познатите ѕвезди купуваа разни предмети и уметнички дела, а парите се донираат на amFAR. Се наддаваше и за луксузни патувања, за скапи автомобили и јахти, дизајнерската колекција на 30 топ-креатори собра 2 милиони долари, а уметничка слика од Пирс Броснан собра 1,5 милиони долари. Колекцијата на бунди од Елизабет Тејлор собра 600 илјади долари.
Во музичкиот дел настапија Грејс Џонс, Стинг, Шеги и Ели Гулдинг. Актерката Шерон Стоун и музичарот Фарел Вилијамс се повлекоа годинава од организацијата на гала-вечерта откако Вајнстин беше обвинет.
Од 1985 година, Фондацијата има инвестирано околу 500 милиони долари за поддршка на истражувањата за сидата. Гала вечерта во Кан досега собра 210 милиони долари за истражувањата.