(Фото) Поп-ѕвездата со врвен концерт во Македонија: Скопје го слушна моќниот глас на Анестејжа
Привилегија беше за поп-ѕвездата Анестејжа (49) да пее во Скопје, за публиката беше привилегија да ја слушне и да ја види во живо во екот на популарноста. На прво гледање, ептен се бендисавме. Пејачката не поздрави синоќа во ВИП Арената „Борис Трајковски“ со енергичен настап и хитот од пред 14 години, „Left Outside Alone“. Скопјани ја испратија со ѕвездено небо од мобилки на емотивната балада „My Everything“.
Во текот на едноиполчасовниот концерт, енергијата и емоциите се менуваа наизменично. Старите и новите хитови од албумот „Еволуција“ , вокалот на Анестејжа, шегите и постојаната комуникација со фановите и перформансот на придружните вокали не дозволија еуфоријата да спласне до последната минута. Бевме сведоци на врвно професионално шоу, со одлични светлосни ефекти и звук.
Сите што не дојдоа, изгубија. Сите што дојдоа уживаа на песните од својата младост и од годините како добро изгледам. Публиката, во патики и на штикла, со пијалок во рака, играше во ритамот на „Left outside alone“, „Sick and tired“, „Paid my dues“, „I’m Outta love“…Поголемиот дел, парадираше и се буткаше за подобра позиција. За да се слика селфи со ѕвездата или да ги фати специјално дизајнираните маици за нејзините хуманитарни кампањи што нејзиниот тим ги фрлаше кон партерот и трибините на Арената.
Анестејжа е убава, со облини, има убава насмевка како од спотовите. На концертот се пресоблече три пати, во фармерки, во комбинација со стилизирано сако , со кожна јакна и со сексапилно боди. Актуелна е со светската турнеја „Еволуција“, а Скопје и е попатна станица.
Два пати и беше дијагностициран рак на дојка кој успеа да го победи.
Концертот во Скопје, во организација на „Прагма продукција“ американската поп-ѕвезда го заврши со бис.
-Ви благодарам на прекрасната ноќ, искрена беше на крајот Анестејжа.
Лејла Сабит Фото: Борис Грданоски