(Фото) Моден викенд-Скопје: Таленти, убави жени и сеир
Со дизајнерските идеи сме блиску до Њујорк или Лондон, со убави жени и парираме на Москва, а со однесувањето и манирите уште сме на Балканот. Дојди на Моден викенд- Скопје и ќе дознаеш од прва рака што е шик, што е шок, што е селфи, што е ин, а што аут.
Синоќа, на вториот ден од модниот настан беше вечер на таленти, креативни идеи, нешто што модно не освежи, откако останавме без воздух од турканиците пред врата за ревиите, во луксузниот хотел „Мериот“. Кој сака да се одмори од мода, за време на паузите може да испроба врвна козметика, да се освежи со пијалок или да поозборува со блиски или одамна невидени пријатели.
Бунтот против модните стереотипи, и брзата мода, наспроти екомодата и потребата да се биде свој и слободен, да се спојат неспојливите модни парчиња, видовме и на писта и во публика. Домашните креатори со своите креативни идеи, шминка и фризура, не освоија со својата оригиналност и младешки дух и не доближија поблиску до светските модни центри.
Синоќа, убав старт со модната инсталација и перформанс од финалниот дел на проектот #sustainablestorymk .На капсулните колекции изработени од текстилен отпад работеа Емануела Трајческа, Сара Реџиќ, Ева Зарезанкова, Натали Наумова ,Радица Лазова, Катерина Димитровска, Мирјана Јосифоска и Дана Ќосева, под менторство на дизајнерката Ирина Тошева и гостинките од Велика Британија-дизајнерката Ана Скодбо и една од водечките британски стилистки Ребека Рој. Гостинките кои долго време работат на одржлива мода, на младите дизајнери им предаваа за техниките за бавно производство, одржливи ткаенини, сертифициран органски памук, производство на нула отпад, вегански материјали и етички услови за производство.
Со нетипичен моден перформанс со манекенки од реалниот живот дизајнерката Ирина Тошева ја презентираше колекцијата за есен-зима 2018/2019 . Порача: Модата е за секого, само ако сакаш.
За прв пат на Моден викенд Скопје ги видовме моделите на дизајнерката Теодора Митровска од колекцијата “We Are Not Machines” со која беше дел од неодамнешното отворање на модната недела во Рига. Колекцијата е инспирирана од текстилни работници и е критика на брзата мода и условите во кои истата се произведува. Преку креациите се преиспитува тенката линија помиѓу човек и машина по која, за жал, многу од овие работници се движат. За оваа цел во колекцијата се среќаваат парчиња од неконвенционални материјали како ПВЦ, индустриска гума и цврста пластика кои го трансформираат телото во надчовечко.
Пред македонската публика за прв пат беа презентирани и модните парчиња на Кренаре Ругова кои се „изработени користејќи бавна мода за да претстават нови форми на размислување однапред“.
Вечерта заврши со колекцијата „Full of Grace“ на дизајнерката Силвија. Станува збор за дневни и вечерни креации инспирирани од Грејс Џонс која е позната актерка, модел и пејачка. Михајловска оваа 2018 година заокружува два нејзини зачајни јубилеи, 20 години од првата самостојна ревија на ФЛУ, како и 10 години од постоењето на нејзиното модно ателје “Алшар“.
Моден викенд Скопје продолжува вечерва од 19 часот со ревиите на студентите од Академијата за моден дизајн „Џолев и уметностите“ и „Сивус едукативен и развоен центар“, италијанскиот накит „SIGMA jewelry“, „Matrons dresses“ и на Олгица Ѓоргиева.
Есенското издание на 18. Моден викенд-Скопје, во организација на Света Богова- Јовановска, завршува утревечер со ревиите на „Еrror kolektiv“ и нивните три брендови: „Atami“, „Em Ellephantski“ и „[0.10] error of harmony“, на Сара Реџиќ и на Александра Јовановска со ретроспективна ревија и колекцијата „Архетип“ од десет годишното творештво како моден дизајнер.
Лејла Сабит Фото: Борис Грданоски