(Фото) Моден викенд-Скопје: Студентите на писта, професорите во публика


Веќе е нормално на Моден викенд – Скопје: манекенки на писта во креации на нови модни таленти, студентите од факултетите за моден дизајн ги фаќа трема зад сцена, а професорите во публика се гордеат на нивните идеи и креативност. На третиот ден од 18. сезона на модниот настан во хотелот „Мериот“ синоќа течеше вообичаената динамика: колку позвучно име, толку повеќе публика, се случува по некое разочарување, но и по некое изненадување.

Светот ни е на дланка не само со дизајнерите туку и со дотераната публика која во друштво или со деца секоја сезона следи, озборува и дознава, пие кафе, вода или вино, и се релаксира со модни муабети од политизираното секојдневие околу нас.

Студентите од Академијата за моден дизајн „Џолев и уметностите ги прикажаа своите финални колекции работени под менторство на дизајнерите Никола Ефтимов, Никола Булески-Буле и Александра Јовановска. Емануела Трајческа со колекцијата „Оклоп“, Натали Наумова со „Still“, Катерина Тошева со колекцијата „Огледало“, Мила Спасовска со „Плима“, Марија Десподовска со „Movement“ и Сара Реџиќ со колекцијата„Малиот принц“.

Познатиот бренд за италијански накит „SIGMA“ на вчерашната ревија ја донесе новата колекција насловена„Future now“ која трасира нова љубов кон златниот накит, истакнувајќи го личниот стил, префинетоста и елеганцијата на една жена.

„Визијата да се биде мост меѓу минатото и сегашноста е инспирација за новите парчиња уникатен златен накит, почнувајќи од нови флорални елементи кои совршено се вклопуваат во традиционално-модерните форми на накит до футуристички форми кои црпат мотив од основните форми во природата. Квалитетот инапредната технолошка доработка се главните императиви при креирање на секое парче накит.“, велат од брендот.

За прв пат на Моден викенд ги видовме „Matrons dresses“ и колекцијата за есен/зима 2018/2019 „Magical feathers“ составена од 20 креации.

Третата вечер на модниот настан заврши со ревијата на Олгица Ѓоргиева и колекцијата „Bridges“ .

„Мостот е структура која е изградена преку железнички станици, реки, патиштата за да можат луѓето да поминат од едно место на друго. Симболичното значење од многу аспекти е разработено на еден суптилен начин во најновата колекција. Низ историјата па и денес, мостовите се конекција за многу работи во нашето секојдневие: мост на пријателство, мост на љубовта, на емоции, мост со самиот себеси, мост на соработка …листата е долга“, ќе рече за својата колекција Ѓоргиева.

Вечерва по три вечери се затвора осумнаесеттото издание на Моден викенд Скопје со ревиите на „error kolektiv“ и нивните три брендови: „Atami“, „Em Ellephantski“ и „[0.10] error of harmony“, Сара Реџиќ и Александра Јовановска.

Лејла Сабит    Фото: Моден викенд-Скопје