(ФОТО) Интимна и емотивна изведба на „Кралот Лир“ во Турски театар


Добро познатата Шекспирова трагедија за Кралот Лир и неговите три ќерки чија премиера се случи во рамките на Охридско лето, за првпат вчеравечер се изведе во Скопје. Претставата е во режија на европскиот режисер Диего де Бреа, а играат фантастичните актери на Турскиот театар од Скопје.

Драматургијата е направена во координација со режисерот де Бреа и неговата асистентка на режија, Сибел Aбдиу. Главната улога ја игра Џенап Самет кој на прилично автентичен начин ни го претстави страдањето на Кралот Лир преку откажувањето од власта и авторитетот. Сфаќајќи дека е измамен од неговите две ќерки на кои им го подели наследството, не може да се помири со судбината што му следува. Кралот Лир го истражува човечкото патување во темнините и бездните на смртта. Симнувањето е полно со човечки страв, несигурност и немоќ.

Имено судирот со смртта не е оставен на човечкото самоволие. А Лировото заминување во подрачјата на смртната темнина е дотолку поболно и потрагично заради неговото расцепено срце и помрачениот ум. Порано Господ на Земјата, сега најдлабоко понижениот обичен смртник кој се обидува на збогувањето со животот да ја осознае вистината која ќе му ја донесе најтешката пропаст полна со лаги и невистини.

Неговите две ќерки Гонерил, Реган ги играа актерките Несрин Таир, Зубејде Али, а најмладата Корделија ја играше Ебру Мусли. Во улогата на зетови за постарите ќерки беа актерите Осман Али и Ерман Шабан.

Сценографијата и костимографијата е на Благој Мицевски, дизајнот на светло и изборот на музика се на режисерот Диего де Бреа, а преводот на претставата е на Оздемир Нутку.