Формирана Анкетната комисија на грчкиот Парламент за аферата „Новартис“


Грчкиот Парламент денеска ја формираше Анкетната комисија што треба да ја испита вмешаноста на 10 политичари, меѓу кои и двајца поранешни премиери, во аферата со швајцарската фармацевтска компанија „Новартис“.

Комисијата, составена од 21 член, од кои мнозинството се од редовите на владејачката партија Сириза, треба да ги испита обвинувањата дека 10-мината политичари примиле поткуп од „Новартис“.

Комисијата има рок од еден месец да го испита случајот и да достави заклучоци дали Парламентот треба да ги гони осомничените политичари за мито, корупција и перење пари од криминалните активности.

Одлуката за формирање на Комисијата грчкиот Парламент ја донесе по повеќе од 20-часовна расправа, околу четири часот утрото на 22 февруари.

Маратонската расправа во грчкиот Парламент изобилуваше со меѓусебни обвинувања, препукувања и несогласувања меѓу претставниците на партиите. Со исклучок на европскиот комесар Димитрис Аврамопулос, кој беше оправдано отсутен, останатите девет политичари за кои постои сомневање дека се вмешани во случајот „Новартис“, се обратија од собраниската говорница и ги објаснија нивните позиции.

Осомничените политичари се двајца поранешни премиери и осум поранешни министри за здравство, финансии и труд и социјална политика од редовите на ПАСОК и Нова демократија.

Станува збор за Андонис Самарас, кој беше премиер од јули 2012 до јануари 2015 година, Панајотис Пикраменос, службен премиер од мај до јуни 2012, Димитрис Аврамопулос, министер за здравство од 2006 до 2009, Андреас Ловердос министер за здравство од септември 2010 до мај 2012, Андреас Лукуреѕос, министер за здравство од јуни 2012 до јуни 2013, Мариос Салмас, алтернативен министер за здравство од јуни 2012 до јуни 2013, Адонис Георгиадис, министер за здравство од јуни 2013 до јуни 2014, Јанис Стурнарас, министер за финансии од јули 2012 до јуни 2014, Евангелос Венизелос, министер за финансии од јуни 2011 до март 2012 и вицепремиер од јуни 2013 до јануари 2015 и за Јоргос Кутруманис, министер за труд и социјално осигурување од јуни 2011 до мај 2012 година.

Политичарите чии имиња се споменати во предметот, велат дека станува збор за заговор и отфрлаат секаква вмешаност.

Според грчките медиуми, во целиот случај клучна улога имаат тројца заштитени сведоци, кои под псевдоними дале исказ. Алтернативниот министер за здравство на Грција, Павлос Полакис откри дека станува збор за поранешни вработени во компанијата.

Врз база на исказите на тројцата заштитени сведоци, грчката Влада го обелодени случајот „Новартис“ на 5 февруари, еден ден по протестот во Атина „за одбрана на името Македонија“.

Токму поради ова од опозициската Нова демократија коментираа дека „Новартис“ е обид на Владата да го одвлече вниманието на јавноста од другите проблеми на земјата, меѓу кои и спорот со името.

Претставници на грчката Влада случајот го коментираа како „скандал од невидени размери“.

Според проценките, висината на поткупот во случајот е околу 50 милиони евра за периодот од 2006 до 2015, а од овие 50 милини евра, 40 милиони евра веројатно се дадени пред 2010 и тоа на тројца политичари само за случај со вакцини.

Портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос објасни дека случајот е поврзан со одредување на цените на лековите, што влијаело на пазарот за лекови во 29 земји, бидејќи референтната цената на лековите за сите овие земји, се креирала во Грција.