Филмски циклус посветен на современиот израелски филм во Кинотека на Македонија


Шест израелски филмови ќе бидат прикажани во Кинотеката на Македонија од 2 до 6 декември во рамките на филмскиот циклус посветен на современиот израелски филм.

Филмскиот циклус се реализира во соработка со Амбасадорот на Државата Израел за Македонија и Еврејската заедница во Република Македонија.

Ќе бидат прикажани шест филмови со превод на македонски јазик. Филмската ревија во сабота ќе биде отворена со филмот „Хармонија“ со две проекции од 19:00 и 21:00 во режија на Ори Сиван, филм кој ја задржува посебната суштина на библиската приказна и додава интимна и човечка перспектива.

Во недела ќе се прикажува документарниот филм „Посебна посета во Македонија“ во режија на Пјер Лави кој ја документира посетата на делегација на лица со посебни потреби од Ерусалим во Македонија во септември 2016. Истиот режисер ќе се претстави со уште еден документарен филм во недела, а тоа е филмот „Кармелим во Македонија“ кој ја документира концертната тура во Македонија на трупата „Кармелим“ од школата Лео Бак во Хаифа, во јули 2016 година. Во понеделник публиката ќе има можност да го погледне филмот „Татко“ во режија на Мени Јаеш, додека филмот „Витлеем“ ќе биде прикажан во вторник. Филмскиот циклус ќе биде затворен во среда со документарниот филм „Најдобрите за мечување“ во режија на Лиат Мер.

Според филмската критичарка Гена Теодосиевска „последниве 20-тина години израелскиот филм го привлече вниманието не само на критиката туку и на филмофилите и на публиката.

„Би рекла дека својата најголема меѓународна сатисфакција израелскиот филм ја доживува на најпознатите и најголеми филмски фестивали од највисока категорија во светот, на кои во која било програма е особено тешко да се влезе, а особено кога на нив ги добива и најпрестижните награди. Венеција, Берлин, Кан, Карлови Вари, Торонто, Монтреал, Шангај, Минхен, Локарно, Ротердам, Варшава, Битола… сè до Холивуд со кој е несомнено поврзан првенствено преку големите американски продуценти, кои се во голем процент од еврејско потекло, а многумина од нив и им се враќаат на своите корени во Израел “ и додава „фактот што сите шест филма се од понова продукција, уште повеќе ја потврдува грижата на идејните творци на оваа селекција да „нè угостат“ со визуелни доживувања, кои се привилегија за останатите киноприкажувачи“, забележува Теодосиевска.

Амбасадорот Дан Оријан, пак, вели дека ќе продолжи да вложува посебни напори и да носи инспирација од Израел, и истакнува дека инспирацијата од Македонија, каде што се чувствува како дома, и од Македонците е неговата главна задача тука.

Билетите за проекциите се бесплатни и истите може да ги резервирате од 16-19 часот на билетарницата на Кинотеката на Македонија на 02 3065968. Резервираните билети ќе може да се подигнат 15 минути пред почетокот на проекцијата.