УХМР: Попладнево повремени поројни врнежи со ретки грмежи
Низ Македонија попладнево имаше повремени локални врнежи од пороен дожд, проследени со ретки грмежи и слаб до умерен ветер од северен правец.
Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека за девет часа (до 17 часот) најмногу дожд наврнал во Ѓуриште, 11 литри на метар квадратен. Во Скопје три и во Струмица два литра на квадратен метар.
До крајот на денов ќе биде променливо облачно со локален пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Според прогнозата на УХМР, утре ќе биде сончево со умерена облачност, а попладне повремен локален дожд и ретки грмежи. Максималната дневна температура ќе биде од 20 до 28 степени.
– Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи, а процесите ќе бидат со променлив интензитет. Утре ќе има поретка појава на пороен дожд со грмежи, а во недела нестабилно ќе биде на повеќе места, информира УХМР.