Три дена „Охрид-фест“ со домашни и интернационални ѕвезди
Вечерва во Охрид со песните создадени во духот на македонскиот фолклор ќе започне 25. јубилејно издание на Меѓународниот музички фестивал „Охрид фест- Охридски трубадури“. Фестивалот ќе се одржува на кејот од Охридското Езеро пред хотелот „Нова ривиера“ во терминот од 20:30 часот. На програмата на фолк-вечерта се наоѓаат 20 песни кои ќе ги исполнат познатите македонски интерпретатори – Петар Нечоски, Благица Павловска, Кате и „Нели ти реков“, „Скопски боеми“, „Молика оне“, Милован Секулоски, Зоран Марковски и Мерима Његомир, а своја шоу-програма (додека траат гласањата на жиријата) ќе има Нада Обриќ
Утре фестивалот продолжува со националниот избор за најдобра поп-композиција. На оваа вечер 18 нови песни од македонски автори ќе исполнат Симеон Коруноски, Горан Наумовски, Дует ЧОКИ, Жармена, Денис Димоски, триото „Џентлеменс“, Лени Партикова, Огнен Здравковски, Зои Блаж, Пепа Димовска, Филип Јордановски, Лена… Во паузата од фестивалот свој рецитал од песни за љубовта ( автори Александар Митевски и Григор Копров) ќе има познатиот бизнисмен и љубител на музиката Трифун Костовски.
Со голем интерес се очекува интернационалната вечер во сабота на која покрај наградените песни од поп-вечерта во борбата за награди ќе учествуваат и познати пејачи од балканските земји Пантелис Кастанидис (Грција), групите „Балканика“ (Србија) и „Колонија“ (Хрватска), Ален Исламовиќ (БиХ), Дарија Швајгер (Словенија, Дениса Мерсини (Албанија), Божидара Симеонова (Бугарија)….
Водители на поп и интернационалната вечер ќе бидат манекенката Марјана Станојковска и актерот Васил Зафирчев.
– Мислам дека фолк-вечерта ќе биде една од подобрите изданија на досегашните фестивали. Има прекрасни песни кои ги запазуваат карактеристиките на македонскиот фолклор, стилски се различни, но со добри интерпретации – вели Цане Петров, уметнички директор на фолк-вечерта.
Македонската телевизија ќе врши директен пренос на фолк, поп и интернационалната вечер, а јубилејното 25. издание на фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“, покрај гледачите од Македонија, ќе можат да го проследат и љубителите на музиката од Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Србија и гледачите од целиот свет преку сателитските канали на Македонската телевизија и австралиската ИНТВ.
Уметнички директор на фестивалот е Григор Копров.