Тргнаа сообраќајот на две делници од Коридорот 10
Делниците од автопатот на Коридорот 10 кон македонската граница, Долни Нерадовац – Српска куќа и Српска куќа – Левосоје, се пуштени во сообраќај, соопшти Јавното претпријатие „Патишта Србија“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, овие две делници со придружните петљи Бујановац 1 и Бујановац 2 се отворени за сообраќај во петокот.
Во сообраќај, како што се наведува, пуштена е трасата на автопатот со должина од 8,81 километри, што е дел од проектот за изградба на автопатот Е-75, од Белград преку Ниш до границата со Македонија.
Српската министерка за градежништво, инфраструктура и сообраќај Зорана Михајловиќ пред десет дена најави дека до крајот на годината ќе биде пуштен во сообраќај и преостанатиот дел од автопатот Е-75 кон Македонија, во делот на Грделичка клисура.