Трамп за нападот врз Сирија: Може да биде наскоро или не толку наскоро!
Претседателот Доналд Трамп инсистира на тоа дека тој не го издал елементот на изненадување со објавувањето планови за започнување ракетен напад против Сирија.
„Никогаш не реков кога ќе се случи нападот врз Сирија. Може да биде многу наскоро или не толку наскоро!“, напиша претседателот Трамп на Твитер. „Во секој случај, САД под мојата администрација завршија одлична работа за ослободување на регионот од ИСИС. Каде е вашето ‘Благодарам, Америка?’“
Трамп во средата соопшти дека има намера да започне ракетен напад против сирискиот режим на Башар ал Асад, одмазда за наводната употреба на хемиското оружје врз цивили во населено место во Дамаск минатиот викенд.
Подготвеноста на претседателот да ги објави плановите за воениот напад е во спротивност со неговата долгогодишна позиција против телеграфирање на таквите потези, пракса која тој ја нарече глупава и ги обвинуваше своите претходници за истата.
Ваквиот напад ќе биде втор во претседателскиот мандат на Трамп: Нападот со хемиско оружје од страна на режимот на Асад во 2016 година го поттикна Трамп да нареди лансирање на 59 ракети „томахавки“ врз пистата од каде што се верува дека произлегол нападот. Таа писта беше брзо поправена.
Во објавувањето на плановите за напад на режимот на Асад, Трамп исто така ги отфрли ветувањата од страна на Русија, која е близок сојузник на Сирија, дека ќе го соборат секој американски проектил.
„Русија вети дека ќе ги собори сите проектили што ќе бидат испукани кон Сирија. Подготви се Русијо, бидејќи тие доаѓаат, ќе бидат убави, нови и паметни!“, напиша Трамп во средата. „Вие не треба да бидете партнери со животно кое го убива својот народ со гас и ужива во тоа!“
Како одговор на предупредувањето на Трамп, портпаролката на руското министерство за надворешни работи на Фејсбук напиша дека секој американски напад со проектили ќе ги уништи доказите за наводниот напад со хемиско оружје. Рускиот амбасадор во Обединетите нации, откако резолуциите поддржани од Русија не успеаја да освојат доволно гласови во Советот за безбедност, рече: „Уште еднаш ќе ве прашам, уште еднаш ве повикувам да се воздржите од плановите што во моментот ги развивате за Сирија“, пишува Ројтерс.
Трамп честопати беше обвинет за релативно мек надворешно-политички став кон Русија, особено во однос на нејзината посилна положба на други места низ светот, како резултат на неговите претходни топли зборови за рускиот претседател Владимир Путин и неговата неколкумесечна колебливост да го обвини Кремљ за вмешаноста во изборите во 2016 година. Истрагата за оваа вмешаност, како и наводите дека неговата кампања се здружила со нив, тој редовно ја нарекуваше лов на вештерки.
Администрацијата на Трамп, сепак, инсистира на тоа дека е построга кон Русија од нејзините претходници, што се докажува со зголемени воени трошоци и наметнување санкции. Администрацијата на Трамп, исто така, нареди да се затворат два руски конзулати, еден во Сиетл, другиот во Сан Франциско, а има и протерано десетици руски дипломати.