Твитер ботовите против успехот на референдумот ги засилија активностите
Автоматизирани налози на Твитер ги засилија активностите во насока на намалување на одѕивот на гласачите на претстојниот референдум, на кој граѓаните треба да се изјаснат дали се за влез на Македонија во ЕУ и НАТО преку прифаќање на Договорот со Грција за решавање на спорот за името, нагласува Трансатлантската комисија за интегритет на изборите.
Алатката на Трансатлантската комисија за мониторирање на активностите на социјалните медиуми детектираше зголемување на нови автоматизирани ботови во изминатите 50 дена, како и зголемување на активностите на нови и веќе постоечки ботови на Твитер во текот на изминатата недела.
Активностите на Твитер ботовите во насока на обид за намалување на одѕивот се поголеми од набљудуваните за време на изборите во Мексико и Италија.
Десет отсто од конверзацијата ја водат новите акаунти, креирани изминатите 60 дена, бројка, која е поголема од таквите обиди за влијание на социјалната мрежа за време на неодамнешните избори во Мексико и речиси три пати повисока од изборите во Италија. Содржината, што ја шират овие ботови оди во насока на поттик за бојкот на референдумот и поддршка на политичарите, кои повикуваат на бојкот.
Истражувањето покажало дека новите налози (не постари од 60 дена) претставуваат 12,5 отсто од вкупниот број на Твитер налози во Македонија. Нивните активности претставуваат десет отсто од Твитер комуникацијата (твитови и ретвитови).
Во моментов алатката на Комисијата не може да го открие потеклото на ова мешање.
Членовите на Трансатлантската комисија нагласуваат дека имаат и докази за прикриена, тајна финансиска кампања од индивидуи од Македонија и Грција за поддршка на антиреферендумските групи.
– Јасно е дека има тајни, прикриени напори да се попречат демократските права на Македонците и да се делегитимира гласањето на референдумот, велат членовите на Трансатлантската комисија за интегритет на изборите.
Тие нагласуваат дека Македонците сами мора да одлучат каква иднина сакаат за нивната земја.
– Ги повикуваме да го изнесат својот став в недела. Властите во земјата заедно со меѓународната заедница мора да ги преземат сите потребни мерки да го обезбедат интегритетот на гласањето в недела и да гарантираат дека ниту една малигна активност нема да остане неказнета, велат оттаму.
Трансатлантската комисија за интегритет на изборите е трансатлантска група на политичари, луѓе од сферата на технологијата, бизнис и медумски лидери. Со неа копретседаваат поранешниот генерален секретар на НАТО Андерс вог Расмусен и поранешниот американски секретар за внатрешна безбедност Мајкл Чертоф. Комисијата за залага за колективен пристап за спречување на мешање во изборните процеси на земјите.