Тага, болка и неверица: Погребан поп-пејачот Влатко Илиевски
Семејството, роднините, пријателите и колегите од естрадата и од актерската фела денес за последен пат се простија од Влатче Морал како што го нарекуваа, најубавиот дечко од естрадата, со најубавите сини очи. Неверица, болка и тага денес се измешаа на последното испраќање на гробиштата во Ѓорче Петров во Скопје.
-Влатче беше срце дечко, секогаш со енергија и харизма. Културен и воспитан. За секого имаше убав збор, планови за музичката кариера. Не веруваме дека го нема. Многу уникатен рок пејач, знаеше да повлече на бина и да не мотивира сите. Ќе ни фалат неговите шеги, имаше добра смисла за хумор. Направи соло кариера што многу пејачи посакуваат да ја имаат. И, да не се заборави, ТОЈ прв ја наполни Арената Борис Трајковски со 9,10 илјади луѓе. Ќе ни фали многу, секогаш насмеан, фин и спремен, коментираа денес на погребот со насолзени очи, неговите колеги и пријатели.
Следната недела ќе бидат познати причините за смртта на Илиевски, потврдија од Институтот за судска медицина. Потребен е период да се реализира обдукцијата врз телото на пејачот и да се утврдат вистинските причини за неговата прерана смрт.
Безживотното тело на Илиевски, беше пронајдено саботата наутро во неговиот автомобил на улицата Трета македонска бригада во населбата Аеродром во Скопје. Според првичните информации, кај починатиот поп-пејач Влатко Илиевски не биле видливи траги на насилство, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје. Дежурен јавен обвинител од ОЈО работи на расветлување на причините за смртта на 33-годишниот Илиевски.
Веста за неговата смрт ја потресе македонската естрада и неговите фанови. Колегите на пејачот и други познати личности, преку социјалните мрежи во неверица сѐ уште се збогуваат со Илиевски. Во текот на изминатата недела Влатко го прослави 33-от роденден.
Илиевски е роден на 2 јули 1985 година во Скопје. На музичката сцена беше активен од 2000 година. Свирел гитара во локални скопски бендови, членувал во бендот „Мејд ин Маседониа“, а потоа стана познат како вокал на групата „Морал“ која во 2005 година настапи како предгрупа на концертот на „Дип парпл“ во Скопје.
Од 2007 година почна солистичка кариера и имаше два албума со вкупно 20 песни. Во 2011 година ја претставуваше Македонија на Евросонг во Диселдорф, Германија, со песната „Русинка“. Влатко беше дипломиран актер со завршени студии на Факултетот за драмски уметности во Скопје. (Л.С.)
Фото: Б. Грданоски
(Повеќе читајте во утрешниот број на Независен весник)