Столтенберг: Добредојдени сте во НАТО, но прво решение за името


НАТО ќе ја покани Македонија да се приклучи како негова земја-членка откако ќе биде постигнато взамно прифатливо решение во спорот со Грција за името, порача генералниот секретар на НАТО во интервјуто за МИА, кое го даде непосредно пред неговото пристигнување во првата официјална посета на земјава.

На прашањето дали Македонија ќе добие покана за членство на самитот во НАТО во Брисел и без решено име, под привремената референца ПЈРМ Столтенберг е дециден дека позицијата на Алијансата останува непроменета.

– Не. Позицијата на НАТО останува непроменета. Сите одлуки во НАТО се донесуваат врз основа на консензус меѓу сите НАТО сојузници. На самитот во Букурешт и на последователните самити, тие се согласија дека НАТО ќе ја покани вашата земја да се приклучи, откако ќе се постигне взаемно прифатливо решение за прашањето за името во рамките на ОН, истакна Столтенберг во интервјуто за МИА.

Тој ги поздрави обновените преговори меѓу Македонија и Грција, но додаде дека не е во негова надлежност решавањето на прашањето за името.