Стартуваше Скопски џез фестивал: Современи импровизации, поезија и експлозивен џез


Синоќа во Скопје започна четиридневното џез патување во рамките на 37. издание на фестивалот кој го одбележува месецот октомври. Отворањето на Скопскиот џез фестивал го започна Александер Хокинс со романтичен пијано рецитал во Македонската опера и балет. Самоукиот британски композитор се карактеризира како добар познавач на џез-традицијата. Нешто повеќе од еден час зад своето пијано го презентираше својот музички универзум меѓу класиката и слободната импровизација. Вториот концерт беше резервиран за квартетот на Дејвид Мареј и слем-поетот Сол Вилијамс кои го презентираа заедничкиот албум „Blues for Memo“  посветен на истанбулскиот џез-музичар, Мехмет „Мемо“ Улу, кој ги отвори вратите на експерименталниот џез во Турција.

Страсниот саксофонист Дејвид Мареј и неговиот квартет беа одлично надоплнети од бескомпромисната поезија на Сол Вилијамс. Музикалната синергија која ја шират е со ист интензитет како и нивната политичко-поетска порака.

Полноќниот концерт во Дансинг салата при Младинскиот културен центар ја заокружи првата џез-вечер со експлозивна музика. Бучната гитара на Американецот пораснат во Бразил, Арто Линдзи целосно го окупираше вниманието на публиката. Приклучувањето на сцената на тапанарот Пал Нилсен-Лав беше само целосно заокружување на експерименталната музичка приказна која несебична ни ја подарија. Експлозивниот сет, дополнет со вокалите на Арто презентирајќи бразилски песни и силните тапани на Пал презентираат креативно и експериментално звучно искуство.

Трите концерти од првата вечер беа солидно посетени по бројност. Но, неизбежно е да се спомене дека кај дел од публиката останува стара навика, да не доаѓа навреме на концертите, со што го пореметува планираниот почеток и се прави неред во салата додека да ги најдат своите нумерирани седишта. Понатаму, редно е да се научат посетителите дека е некултурно да се разговара за се и сешто со пријателот до нив, додека на сцена имаме тивка музика. И крајно, исклучувајте ги мобилните на вакви концерти!

Ивана Настеска