Србија: Претепан Борко Стефановиќ, еден од лидерите на опозицијата


Во Крушевац вечерва во пресрет на одржување на трибината на опозицискиот Сојуз за Србија, брутално беше претепан Борко Стефановиќ, претседател на партијата Левица на Србија и еден од основачите на Сојузот за Србија. Претепани се и активистите на оваа партија Бобан Јовановиќ и Марко Мандиќ, соопштија од Сојузот за Србија.

Поради сериозноста на повредите на главата, Борко Стефановиќ е пренесен во Ургентниот центар, а на Јовановиќ му се искршени два заба и му е расечена устата, а Димиќ има добиено повеќе удари во главата, се наведува во соопштението.

-Група тепачи вооружени со шипки го пресретнаа Стефановиќ пред МЗ Расадник во Крушевац, го турнаа на асфалт и  брутално го тепаа. Откако Јовановиќ и Димиќ му пријдоа да му помогнат на Стефановиќ, напаѓачите ги нападнаа и нив, велат од Сојузот за Србија.

Оттаму оценуваат дека нападот врз нивните членови е резултат на валканата хајка, која режимот на Александар Вучиќ секојдневно ја води против политичките неистомисленици.