Собранието ќе добие Етички кодекс
Собранието на Република Македонија подготвува Етички кодекс кој ќе има за цел да ја зајакне етиката кај пратениците и да ја зголеми довербата во Парламентот како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт.
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека документот е во фаза на нацрт верзија и оти за да биде законодавниот дом функционален потребно е да се воспостават етички норми, стандарди и правила кои ќе бидат секојдневие, без разлика дали некој е на власт или во опозиција.
– Градењето на парламентарната демократија никогаш не е лесна задача. Понекогаш се случуваат и настани за кои посакуваме никогаш да не се случеле или пак настани поради кои домашната јавност и меѓународната заедница го вперуваат прстот кон нас, рече Џафери на панел дебатата за етичкиот кодекс во Парламентот.
Додаде дека како претседател на Собранието уште на почетокот на мандатот изјавил дека нема да дозволи да се повторат негативните настани од минатото и оти со несебичниот ангажман на сите политички чинители државата се вратила кон вистинските демократски процеси.
Според етичкиот експерт во француското Собрание, Фердинанд Сукраманен, парламентарната етика треба да се заснова на четири принципи и тоа доверба меѓу пратениците, нивните постапки надвор од Собранието, надоместоците за нив од надвор и контролата на трошоците на пратениците.
– Парламентарната етика е основа за создавање доверба во Собранието. Таа треба да содржи каква било изјава на пратеникот, анкетниот лист, неговите врски со бизнисот, приватните интереси итн. Во Франција постои принцип за секој подарок над 150 евра, пратеникот треба да се консултира со тие од собраниската етика. Патните трошоци за пратениците да се плаќаат на независна сметка, така што нивната контрола да е полесна. За секој трошок, дури и приватен, но од јавен интерес, пратеникот треба да се консултираат со одговорните за етиката со цел да се преземаат превентивни мерки за евентуалните злоупотреби, посочи Сукраманен.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние порача дека пратениците и претседателот на македонското Собрание треба самите да го најдат начинот на етичко однесување.
– Мора да го најдете начинот на етичко однесување. Во овој поглед, мнозинството и опозицијата мора да играат конструктивна улога и заеднички да го подготват Етичкиот парламентарен кодекс. Нашата практика може да се земе како основа за да ве инспирира, рече Тимоние.