Со традиционалното читање на Константиновата „Т`га за југ“, почнаа 57. Струшки вечери на поезијата


Со традиционално читање на Константиновата Т`га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, вечерва почнаа 57. Струшки вечери на поезијата.

Министерот за култура Асаф Адеми ја истакна важноста на поезијата за народот, културата, државата, но и за човештвото воопшто.

– Како кај нас, така и насекаде во светот, местото од каде што допира светлината во нашите срца, највисоките културни и образовни институции најчесто носат имиња на поети. Оние кои поетот Дилан Томас ги опиша како бунтовници против мракот. Оние кои врескале низ вековите кога светлината сакала да си замине од човештвото, рече Адеми.

Говорејќи за значењето на манифестацијата, нејзината големина и важност, изрази уверување дека ќе даде се од себе за, како што рече, да се врати ореолот на поетите и на писателите наместо на институциите.

– Поголемото достоинство на поетите и писателите значи подобар свет околу нас, ами и во нас. Како што говореше големиот Прличев: “тије се солта на општеството”. И онаму каде разумот остава рани, поезијата залекува. Онаму каде различностите знаат да поделат, поезијата знае да создаде прекрасен мозаик, истакна Адеми.

Затоа, подвлече министерот, Струшките вечери нека ја пуштат својата спокојна сила која само убавиот збор ја има меѓу нас, обичните луѓе, нека не натераат да го погледнеме светот како поетите.

Директорот на СВП Мите Стефоски потсети како настана фестивалот, напоменувајќи дека поезијата не познава и не признава никави граници.

– СВП настанаа среде најголемата поделеност на светот во 60-тите години, кога заради околностите и визијата на една група поети и критичари се востанови фестивал кој веднаш и во секој поглед играше и се уште игра улога, која останува да биде актуелна и сега, а тоа е да бидеме мост меѓу културите, народите, јазиците, цивилизациите. Тоа го одразуваше и се уште го одразува во секој поглед од делувањето, така видливо и амблематично прикажано, златниот венец, рече Стефоски.

Од градот на поезијата, потенциа, како мали хартиени бротчиња поезијата ќе се упати ширум светот, преминувајќи ги сите препреки, премавнувајќи ги сите забрани и граници, сведочејќи за космополитскиот дух вграден во суштината на овој фестивал.

На 57. фестивалско издание беше исполнет заветот од пред 32 години на венцоносецот Ален Гинзберг, со пренесување на неговата песна „Космополитски поздрави“, наменета да ги отвори СВП 1986 година.

Манифестацијата продолжи со поетските „Меридијани“ и читање поезија, најпрво од годинашниот лауреат Адам Загаевски, а потоа и од останатите поети-учесници.

На годинашните 57. Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 30 поети од 29 земји меѓу кои Полска, Финска, Франција, Германија, Израел, Грција, Албанија, Монголија, Шведска, Ерменија…, како и 50-тина поети од Македонија. Манифестацијата ќе заврши в недела со врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“.