Со претстава на Коле Ангеловски, прилепскиот театар ќе одбележи 68 години постоење


Со изведбата на комедијата „Од кол на кол“ во режија на Коле Ангеловски, прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ вечер ќе ја одблежи 68-годишнината од постоењето.

Завесата на Театарот првпат се кренала на 18 февруари 1950 година со изведбата на претставата „Кир Јања” од Јован Стерија Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски.

Како што информираат од прилепскиот театар, кој оставил белег во македонската драмска и театарска уметност со претстави и познати актерски имиња, во 68-те години прикажал над 370 премиери, одиграл над 7.500 претстави кои ги гледале преку 1,6 милиони луѓе.

Најголемите успеси прилепскиот театар ги постигна со претставата „Тапани во ноќта“ од бертолд Брехт, во режија на Мартин Кочовски, која се крена до димензии на бренд на македонскиот театар. Оваа претстава освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево (2008 година) и беше победник на 44-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Не помалку наградувана е „Кавкаскиот круг со креда“, исто од Брехт во режија на Кочовски, која во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот „ЕХ Понто“ во Љубљана, Словенија. Голем успех досега постигнаа и претставите: „Силјан Штркот”, „Кумови”, „Собирен центар”, „Туѓо сакаме свое не даваме”, „Молам за секс“, „Спиро Црне”, „Колобан”, „Арсениј” „Полковникот птица” , „Опера за три гроша” од Брехт и други претстави.

Ансамблот на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ шред неколку години се обнопви со нови актерски имиња, сега брои 18 актери и е меѓу водеќките во земјава кои на сцената поставуваат текстови од македонски драмски автори.