Со евергрини и електронска музика ќе биде одбележан Денот на независноста


Со забава на отворено во дворот односно во паркот покрај зградата на Владата во 18:30 часот почнува одбележувањето на 8 Септември, Денот на независноста.

Најмладите со нивните семејства ќе се забавуваат со програмата што за нив ја подготвува Петко и 5+ Бенд. Забавно-музичкиот дел за возрасните ќе почне во 19:30 часот и ќе трае до 23.30 часот. Оркестарот на Македонската филхармонија, заедно со Тамара и Тијана, ќе ги изведат најубавите македонски евергрини, соопшти владината прес-служба

Пред присутните ќе се обрати претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

Музичкиот дел од програмата ќе продолжи со Македонската филхармонија и маестро Џијан Емин кои ќе се претстават со проектот „Оригинатор“ на продуцентот на електронска музика, Хуан Аткинс. Во завршницата на музичката програма ќе настапат и познатите домашни ди-џеи, Феки Фарис и Огнен Узуновски – Оги.

Владата на Република Македонија ги кани сите граѓани да бидат дел од големата прослава на овој наш празник, стои во соопштението од владината прес-служба.