Скопскиот аквадукт ќе биде реставриран


Скопскиот аквадукт ќе биде реставриран и ќе има повеќе придружни рекреативни и културни содржини. Први за конзервација ќе бидат најзагрозените делови од Аквадуктот, а понатамошната реставрација ќе се одвива во неколку фази.

– По повеќегодишно институционално запоставување, во 2018 година издвоиме 1.100.000 денари за изработка на Проект за конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт. За оваа наша уникатна знаменитост, подготвени сме да вложиме и повеќе за да го спречиме нејзиното пропаѓање и да го заживееме овој прекрасен дел од градот, изјави денеска министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој заедно со премиерот Зоран Заев и градоначалниците на Град Скопје и на општина Бутел го посетија овој локалитет во близина на Скопје.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов најави дека Градот ќе обезбеди соодветна инфраструктура во контактините зони со Аквадуктот и изградба на летна сцена со 600 до 1000 седишта.

– Летната сцена ќе биде изградена надвор од заштитното подрачје и ќе биде изведена на начин што нема да смета на визурата на Аквадуктот, рече Шилегов.

Премиерот Заев истакна дека со конкретни акции ќе се работи на заштитата на културното наследство.

– Во годината посветена на европското културното наследство, нашето внимание е кон грижата за нашите културни и историски богатства. Го покажавме тоа и со усвојувањето на мерките за заштита на Охрид, со што ја спречивме опасноста за губење на статусот на светско наследство под заштита на УНЕСКО. Го спречивме пропаѓањето на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново, ја заштитивме галеријата со престари икони во Музејот на Македонија и многу други зафати, рече Заев.

Околината околу Скопскиот аквадукт е исчистена, а се планира и поставување на урбана опрема и информативни табли со цел овој локалитет да стане повторно атракција за посетителите. Последни посериозни инвестиции на Аквадуктот се реализирани пред неколку години.