Сенаторка го докажа потеклото, Трамп должи еден милион долари


САД- Американската демократска сенаторка Елизабет Ворен направила ДНК анализа, со која докажала дека има индијанско потекло, откако претседателот на САД Доналд Трамп повеќе пати ја обвинувал дека лаже.

Трамп всушност долги години ја обвинува Ворен дека лаже оти има индијанско потекло, а на неговите митинзи ја нарекуваше и „лажна Покахонтас“.

Американскиот претседател во јули оваа година на собир во Монтана изјави дека ќе уплати еден милион долари во хуманитарна организација која таа ќе ја избере, доколку ДНК анализата покаже дека има индијанско потекло.

Ворен ги објави резултатите од ДНК анализите, во кои се наведува дека има „силни докази“ оти има индијанско потекло. Потоа му се обрати на Трамп преку социјалната мрежа Твитер, порачувајќи му дека треба да уплати еден милион долари на сметка на Центарот за индијански жени.

Трамп демантираше дека и дал такво ветување на сенаторката, а таа објави видео снимка од неговото обраќање во Монтана, каде ветил еден милион долари, додавајќи опис дека „така изгледа лажење“.

– Еве нешто што нема да го заборавите господине претседателе. Вие сте најмалку популарен претседател во модерната историја и вашите сојузници ќе изгубат на изборите (за Претставнички дом и Сенатот на Конгресот следниот месец). Уште 22 дена. Тик-так, порачува Ворен.