Севдалинки со Амира Медуњанин трио на „Охридско лето“
Музичката програма на годинешното 58-мо издание на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со несекојдневното доживување што го носи неповторливата босанска вокалистка Амира Медуњанин, која во „Света Софија“ во придружба на контрабасистот Звонимир Шестак и гитаристот Анте Гело.
Станува збор за нестандардна музичка вечер, на која публиката ќе може да ужива во прекрасните преработки и интерпретации на традиционалните босански севдалинки, но и песни од богатото народно творештво и фолкор на поширокиот балкански регион.
Музичкиот новинар Гарт Картрајт ја нарекува „босанската Били Холидеј“, алудирајќи на начинот на кој Амира Медуњанин си „игра“ со севдахот, пронаоѓајќи нов контекст и форма во традицијата стара повеќе од сто години. Оваа уникатна вокалистка е една од најактивните промотори на музичкото наследство на Босна и Херцеговина. Нејзината богата дискографија која ја издава во соработка со познати светски издавачки куќи, постојано добива одлични критики. Дебитантскиот албум „Роса“ е прогласен за албум на годината во Велика Британија, додека пак албумот „Зумра“ е добитник на наградата „Индекси“. Во нејзината музика, покрај обработката на босанската музичка народна традиција, се среќаваат и мелодии од српски и македонски традиционални песни. Добитник е на престижната награда „Најдобар женски вокал 2012“ од страна на фондацијата „Orange“.
Звонимир Шестак најпрвин се запишува на Државниот конзерваториум во Карнтен, Австрија, каде студира џез-контрабас. Своите студии ги продолжува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, на кој и дипломира во 2012 година. Во 2014 година се стекнува и со својата магистерска диплома. Има активна концертна дејност, постојано соработувајќи со популарни музички имиња и ансамбли од целиот свет.
Гитаристот, композитор и аранжер Анте Гело своите дипломски и постдипломски студии ги завршува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Како изведувач во текот на својата кариера соработувал со значајни имиња од џез и поп музичката сцена. Покрај тоа, познат е и како студиски продуцент и аранжер, за што е добитник на бројни награди. Често одржува џез-работилници на повеќе места низ Хрватска.
Инаку, Медуњанин во 2016 година го издаде и албумот „Дамар“ на кој се наоѓа и македонската песна „Твојте очи Лено мори“, додека на нејзиниот последен албум објавен во јуни оваа година, работен со познатиот норвешки уметнички ансамбл „Трондхајм Солстене“ исто така има преработкa на песната „Си заљубив едно момче“.
Самата Медуњанин смета дека преку таквите нејзини проекти на најдобар можен начин придонела за промоција на македонскиот, јазик, култура и традиција во светот.
Потврда дека се работи за несекојдневно музичко доживување за кое постои голем интерес кај пошироката публика е фактот што билетите за вечерашниот концерт се однапред распродадени. аб/бк/07:36
###