Се сврши ќерката на Сузана Турунџиева: Лора и Филип планираа брак од првиот ден


Синоќа, во тесен круг на семејството и бројни пријатели, водителката, а сега деловна жена Сузана Турунџиева ја сврши ќерка си Лора (18). Зетот е Филип Наунов (22), студент по медицина, кој претходно на социјалните мрежи објави дека ја запросил Лора.

-Заедно се речиси една година. Многу се сакаат и прекрасно се надополнуваат еден со друг. За брак зборуваа и планираа уште од првиот ден. Тенџерчето си го најде капачето, ни изјави Турунџиева.

Познатата водителка и писателка, претходно со емотивна порака и се обрати на двојката преку социјалните мрежи.

„Животот никогаш не ми даде трошка време да се подготвам ни за тагата, ни за радоста. Нека биде радост! Доста беше тага. Лора и Филип, бидете големи и несебични во љубовта, добри и благородни во срцата и бидете ми светло во тунелот кое никогаш нема да згасне“, напиша Турунџиева.

Лора е постарата ќерка на Сузана, од бракот со пливачот Александар Маленко. Годинава  славеше матура и полнолетство. Планира образованието да го продолжи на еден од факултетите во Скопје. Сузана ја има и помалата ќерка Матеа (9) од вториот брак со Марјан Јовановиќ. (Л.С.)