Се бара чаре за расипништвото од девет милиони евра
Новиот министер за култура Асаф Адеми по еден месец откако ја презеде функцијата излезе со резиме за она што го работел во периодот од овие триесетина дена. Посочи дека културата сè уште се соочува со проблеми, но најави дека сите негативни појави ќе ги елиминира и дека конечно Министерството за култура ќе биде институција достапна за сите граѓани.
Информираше дека во подрумските простории на Министерството и на други пет национални институции од културата стојат вкупно 770 илјади книги кои требало да бидат дистрибуирани. Адеми рече дека од реализираните пет проекти за издавање на книги, само за четири е доставена уредна документација, при што поради резервите од книги Министерството од март лани не примило ниту една.
„Министерството во своја сопственост има 770.000 примероци од испечатените наслови од капиталните издавачки проекти започнати од претходната влада. За да се реши оваа ситуација, првиот чекор е побрзо дистрибуирање на испечатените примероци од подрумите. Наскоро ќе биде доставена информација до Владата со нови предлог-решенија за овие наталожени проблеми во која ќе се предложи промена на листата на институциите што треба да ги добијат примероците од книгите и ќе се вклучат оние што во претходните години не добивале“, рече Адеми.
Државниот завод за ревизија во својот извештај посочи дека за проектите почнати во 2009 година од тогашниот премиер Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска биле потрошени 9 милиони евра. Проектите почнаа во февруари 2009 со едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ кога Министерството за култура склучи договори со повеќе издавачки куќи во вкупна вредност од 4 милиони евра за издавање на 429 наслови по 1.000 примероци. Потоа следувал проектот „Врвови на светската филозофија, историја, психологија и психоанализа“ во 2013 година во вредност од 1.700 000 евра – за превод и за печатење, за што биле одвоени дополнителни 500.000 евра. Во март 2015 година започнала реализацијата на проектите „Светско книжевно богатство“ и „Антологија на светската поезија“. Ревизорите утврдиле дека издавачите на книги не ги почитувале овие договори и доцнеле со испораката на книгите, па се склучувале анекси, а Министерството за култура доцнело со исплатата.
Адеми ќе се залага сите проблеми што ги затече да бидат елиминирани.
„Бидејќи ова е реформска влада, ние остануваме посветени на реализација и исполнување на сите потребни реформи, во согласност со определбите на Националната стратегија за развој на културата во периодот 2018 – 2022 година и Акцискиот план за имплементација на Националната стратегија, усвоени во Собранието во мај оваа година. За таа цел се формирани 20 работни групи од надворешни стручни лица, при што за одделни суштински прашања за реформите во културата дел од нив веќе ја завршиле или ја привршуваат работата“, рече тој.
Вкупните обврски, согласно со сметководствената евиденција на Министерството за култура заклучно со 31 мај годинава, изнесуваат 22,3 милиони евра, а почнувајќи од 4 јуни се доставени сите склучени договори по Годишната програма за нивно сметководствено евидентирање.
„Ова претставува важен исчекор во реалното прикажување на финансиските обврски. Токму ова беше и истакнато во извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на Министерството за култура во 2016 година“, рече Адеми.
Според него, поставена е динамика и се реализираат санации, реконструкции и адаптации на постојаните објекти на националните установи и дека се започнати повеќе законски измени, а треба да се завршат и повеќе приоритетни активности што произлегуваат од Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018 – 2022 година.
„Интензивно работиме на Колективниот договор за културата, на Нацрт-законот за јавниот интерес во културата, на изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права и на Законот за заштита на културното наследство. Исто така, продолжуваме со активности за децентрализација во културата, која е еден од приоритетите во Националната стратегија 2018 – 2022 година“, рече Адеми.
Буџетските средства за капиталните инвестиции за годинава изнесуваат 15 милиони евра. Адеми рече дека досега процентот на реализација е 42 отсто, a до крајот на буџетската година очекува тој да достигне 90 отсто од предвидените капитални проекти.
Адеми до новинарите: Останувам отворен за критики
На првата прес-конференција откако ја презеде функцијата министер за култура, Асаф Адеми порача дека негова цел и визија е „култура еднаква за сите“.
„Нашето залагање ќе биде, пред сè, градење интеркултурно општество, афирмација на автохтоните културни вредности, културни проекти без никаква негативна селекција, поддршка на веќе постојните културни активности, како и градење на други, кои ќе опстојат и по нашето заминување од ова министерство, а ќе бидат сведоштво за нашиот пристап кон култура еднаква за сите“, порача Адеми. Тој рече дека и како институција и како министер останува отворен за сите прашања и забелешки од страна на јавноста.
„Отворен сум за секој вид критика и сугестија, сè со цел културата во Македонија да биде на највисоко ниво на приоритети и успеси“, порача Адеми.
Ивана Настеска