Светски ден на книгата и авторското право


Во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска со богата програма, мини саем на книга и рози беше одбележан 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право.

Пред присутните се обрати министерот за култура Роберт Алаѓозовски кој ја прочита својата порака посветена на Светскиот ден на книгата.

Тој истакна дека на овој ден човештвото ја слави слободата, но и борбата за слобода и еманципација во исто време, а во таа вечна борба посочи книгата е еден од најважните столбови на слободата, човековото себеспознавање и слободно изразување и комуницирање.

– Убеден сум дека и по оваа дигитална еволуција кога ни се чини дека книгата и читањето отстапуваат пред нови многу покуси фрагментирани несодржајни и манипулативни форми на изразување има иднина за книгата за нејзината благородна функција како едукатор и како духовна лектира која не внесува длабоко под површината и површното комуницирање и ни ја открива сложеноста и суптилноста на нашето постоење во кое креативноста и негувањето на духот и емоциите имаат централно место, порача Алаѓозовски.

Тој додаде дека во година кога Атина, престолнината на соседна Грција, е именувана за светска престолнина на книгата, ја изразуваме нашата почит кон творештвото и литературната традиција што ги постави темелите на светската книжевност.

– Наша недвосмислена желба е да ја прославиме книгата заедно со нашите соседи и со целото човештво токму во духот на мисијата што таа ја носи како градител на мостови на разбирање и дијалог за создавање заеднички вредности и подобра заедничка иднина, истакна Алаѓозовски.

Свое обраќање имаше и амбасадорот на Шпанија, татковината на Сервантес,  Емануел Лоренцо Сера кој му подари книга на министерот Алаѓозовски со негови стихови.

Директорката на НУБ „Св. Климент Охридски“ Сенка Наумовска порача да го читаме она што го сакаме, кога сакаме и не само она што ни е задолжителна литература.

На свеченоста на која присуствуваа и со свои активности ја поддржаа Филозофскиот факултет – Катедрата по шпански јазик, претставници од ФДУ, ФМУ, голем број издавачи, како и Институтот „Конфуциј“ при УКИМ беше прочитана и пораката по повод Светскиот ден на книгата и на авторското право за 2018 година од генералниот директор на УНЕСКО Одре Азуле.

– Со славењето на книгата ние ги славиме пишувањето, читањето, преведувањето, издавањето со кои човекот се издигнува и се реализира. Ние всушност пред се ја славиме слободата која нив ги овозможува. Кај книгата се испреплетуваат едни од најважните човекови слободи, слобода на изразувањето и на објавувањето. Наша должност е да ги штитиме овие слободи насекаде низ светот, да го промовираме читањето и пишувањето, да се бориме против неписменоста и сиромаштијата и да ги зајакнеме основите за мир, како и да ги истакнеме занаетите поврзани со книгата и со нејзините креатори, се посочува во пораката од Азуле.

Светскиот ден на книгата и на авторското право е воведен од УНЕСКО и започнал да се прославува од 1996 година.